Прв ден на 56 „Рацинови средби“ (ФОТО)
На првиот ден од одржувањето на 56 „Рацинови средби“ свежо цвеќе беше положено и пред спомениците на Кочо Рацин во центарот на градот и во дворот на велешката гимназија која го носи името на великанот. Пред споменикот во дворот на гимназијата се обрати Соња Стојменска Елзесер, претседателка на Друштвото на писатели.
Стојменска Елзесер побара споменот за стихот на Рацин да се чува, негува и да се пренесува на идните поколенија затоа што ликот и делото на поетот се дел од вистина во која освен што тој е поет, писател на есеи, истражувач на Богомилите и на филозофијата на Хегел додека со своите раце создавал грнчарски производи, работел тешка физичка работа и ги испеа тмурните стихови што го предизвикаа силно светнатиот ден.
Претседателка на Друштвото на писатели побара од велешани да не дозволат сенка да падне врз името и делото на Кочо Рацин.
Пред официјалното прогласување за отворени на 56 „Рацинови средби“ во фоајето на велешки театар беше отворена изложбата „ Споменот на Рацин низ времето“подготвена од Народниот музеј во Велес кој располага со книги и фотографии од почетокот на одржувањето на поетските средби.
Исто така се одржа и промоцијата на книгата „ Бели мугри на словенски јазици“ на писателот Раде Силјан. Неа ја промовираше проф. д-р Кристина Николовска.