„Мандала“ е насловот на изложбата на Соња Чингарова Фотева отворена во Велес
Во Велес ја започнала својата сликарска кариера и вчеравечер, по 23 години, повторно со изложба пред велешката јавност. Академскиот сликар Соња Чингарова Фотева го затвора кругот на својот десет годишен труд со изложбата на 27 уметнички слики, масло на платно. Мандала е насловот на изложбата и симболизира слика на круг во квадрат. Според неа тоа е местото од кое сите ние го започнуваме животниот пат испреплетен со замки, но најважно е да го најдеме, да чекориме по него и да стигнеме до целта.
„Овие слики се пресек на мојата животна состојба во изминативе десет години, пресек на сите мои истражувања, согледувања, знаења и исполнувања. На моите слики преовладуваат црната , белата, црвената боја. Јас сум секогаш за контрасти и мојата цел е да се најде средниот пат или иделаното решение на сите работи во животот, а тоа е некаде помежу црното и белото“, рече Чингарова Фотева.
Според директорот на Музеј град Скопје Љубен Тевдовски, оваа изложба е вистински симбол на универзалноста, на вредностите на умот, која го издига човекот над дневната политика и дневното живеење.
„Ова е соодветна изложба која не само што ја поврзува македонската престолнина Скопје и овој светол град Велес туку навистина отвора мостови на интелектуалноста кои што ќе ги поврзат луѓето и ќе ги кренат над дневната политика , над дневното живеење во универзалните вредности и во универзалното добро“, рече Тевдовски.
Изложбата на Соња Чингарова Фотева ќе патува низ повеќе градови во државата./Д.С