„Хуриет“ ,аматерска претстава на учениците од велешкото ОУ „Васил Главинов“ (ФОТО)
Љубовта на младата Македонка Елена и на Турчинот Мурат опеана во народната песна „Елено ќерко Елено“ беше тема на аматерската драмска престава „Хуриет“, во превод „Слобода“, што синоќа на сцената во салата „Бели Мугри“ во Велес ја одиграа ученици на ООУ „Васил Главинов“. Автор на монодрамата е велешанецот Аљуш Ахмет. Претставата во која се потенцираше значењето на човекот и вредностите кои не познаваат вера и нација, ја режираше актерката Весна Димитрова Бобевски. Прикажувањето на претставата, во која настапија триесет ученици од училиштето , беше завршна активност на годинешното одбележување на патрониот празник на ООУ “Васил Главинов“.
Освен љубовта помеѓу двајцата млади луѓе, во претставата учениците, многу пластично ја раскажаа приказната за соработката на комитите и младата турска интелегенција . Тие низ сцените, со дијалози и монолози, говореа за случувања и настани од историскиот период на Младотурската револуција.
„Претставата е праизведба. Авторот на драматуршкиот текст е обичен човек, наш сограѓанин, стечаец од велешки Жито Вардар, кој не завршил драматургија но напишал извонреден текст, просто кажано немавме што да корегираме во него. По него, работев со децата месец и половина. И зарем има поголем предизвик од тоа што претставата се игра на само неколку дена од одбележувањето на 160 годишнината од Младотурската револуција која исто така ја застапивме во претставата. Исто така значајна работа е што дејствието на преставата е градено по вистински настан кој е опеан во песната Елено ќерко Елено. Сакам да кажам дека на еден од фестивалите на кои сум учествувала, на Берлинскиот, еден од режисерите сугерираше дека е добра претстава е онаа во која низ мелодрама, во која публиката гледа како двајца млади се сакаат, успеваш да преплетеш историски настани. Точно тоа го има во оваа претстава,“ рече режисерката Весна Димитрова Бобевски .
Мотивиран од еден дел за кој вели дека го доживува како заедничка историја на Македонците и Турците како и на сите народности кои заеднички живееле во тогашна Македонија, авторот на текстот Аљуш Ахмет , вели дека сакал да го потенцира токму ставот и делата на напредната млада интелегенција.
„ Младотурците се само една категорија на напредната интелектуална сила во тој временски период школувана во Европа. Кога тие млади луѓе се вратиле во своите домови во Македонија мошне добро се организирале. Го повикале народот, независно на националните и верски определби, да им се придружи и успеале а уште поголем замав земале кога ја добиле наклоноста на младиот офицер Нијази бег од гарнизонот во Ресен. Многу јасно е дека соработувале и со комитите поради тоа што имале исти идеи. Елена и Мурат од Велес , се двата лика опеани од страна на народот во песната Елено ќерко Елено,“ рече Ахмет.
Ликовите на Елена и Мурат, во претставата „Хуриет“ или „Слобода“ ги толкуваа учениците осмоодделеннци Антоанела Џалева и Христијан Костовски.
„Ова не ми е прва претстава во која учествувам. Ќе кажам дека ова е преубава претстава во која за мене лично е предизвик да оддглумам љубов која јас не сум ја доживеала,“ рече Џалева.
„Ми претставува чест што ја добив улогата на таткото на Мурат, поточно Осман бег. Јас треба да го одглумам историскиот лик кој доживува трансформација од противник на едно историско движење во негов поддржувач исто како и противник на љубов помеѓу двајца млади личности, Македонка и Турчин, се до нивен поддржувач нели на крајот од претставата,“ рече ученикот Костовски.
Претставата синоќа ја проследија голем број на ученици и наставници од училиштето, нивни родители, градоначалникот и претседателот на Советот на општина Велес, директори на основни и средни училишта и претставници на Турскиот културен центар од Скопје./У.Ј