Со кои сѐ кардиолошки ризик фактори можат да се соочат дијабетичарите
Потребно е постојано јакнење на свеста на граѓаните за ризик факторите кои придонесуваат за зголемување на бројот и видовите на кардиоваскуларни болести гласи генералната порака од синоќешниот настан што се одржа во Велес и на којшто присуствуваа членовите на здружението на дијабетичари „Лолипоп-Шеќерче“.
Настанот особено беше посветен на дијабетот како важен ризик , којшто според проф. др. Елизабета Србиновска, субспецијалист кардиолог, наменет беше за едукација на оваа група на граѓани. Тоа што беше значајно за лицата со дијабет е да ги осознаат сите ризик фактори и особено како со нив да се справат за да ја намалат или комплетно отстранат опасноста од кардиоваскуларните заболувања.
-Како ги намалуваме ризик факторите така ја намалуваме можноста за појава на кардиоваскуларна болест како што се мозочен удар, инфаркт на срце или проблем со периферните крвни садови. Целта ни е да ги намалиме што е можно повеќе кардиоваскуларните заболувања. Испланиравме на лист хартија, сите присутни, да ги напишат ризик факторите кои ги имаат за потоа да разговараме за нив. Така ќе видиме секој пациент во каков ризик се наоѓа за да согледаме до кога е можно да се спроведе одредена превентивна терапија. Пред се ова претставува начин за влијание на промената на неговиот начинот на животниот стил, додаде д-р Србиновска.
Таа препорача дека неопходна е промена на начинот на живот како би се постигнало намалување на појава на кардиоваскуларни заболувања.
Д-р Весна Николова Неделковска субспецијалист кардиолог клучен фактор за зголемување на ризикот од кардиоваскуларни заболувања е нездравиот начин на живеење.
-Освен овој во останатите ризик фактори би ги вброила и конзумирањето на алкохол во прекумерни количини, пушењето, зголемената телесна тежина, хипертензијата поточно покачениот крвен притисок, додаде Неделковска.
Настанот беше организиран од здружението на дијабетичари „Лолипоп – Шеќерче“ заедно со „LIONS CLUB“ Велес и привлече внимание од голем број велешани.
Стефани Манева