(Фото) Сеништето никако да се тргне од Велес, од ископите на троска продолжува загадувањето со тешки метали
Автор: Убавка Јаневска
Според д-р Бошко Ников, експерт за заштита на животната средина, топилничарската депонија со троска е трета на листата на 14 жешки еколошки точки во Македонија, според големината и составот на остатоците од тешки метали што ги содржи во себе. За првпат јавно, д-р Ников соопшти дека не смеело да се третира како депонија на техногена суровина, туку на опасен отпад.
Неколку поголеми ископани дупки на јужната страна на огромниот црн рид со 1,8 милион тони остатоци од олово, кадмиум, цинк, железен оксид и арсен, како и поставената инсталација за сепарација, е главната глетка што секојдневно може да се забележи на локацијата на велешката топилничарска депонија.
Дупките зјаат на косината на брегот на црниот рид, висок 28 метри и распослан на површина од 33.000 квадратни метри, од страната што директно е свртена кон Велес. Овие дупки ги направиле багерите, кои ископале и товариле само 140 камиони од троската. Тоа не одговара ни од далеку на сериозниот ископ на троска, на кој фирмата „Кепс монт груп“ се обврза, кога ја доби првата Б интегрирана еколошка дозвола од Општина Велес, во октомври 2019 година.
Во документот, фирмата прикажа четиригодишна динамика на работа за ископ, сеење, товар и транспорт на целото количество троска. Четири години подоцна, фирмата соопшти дека ископалe 500 тони од токсичните и опасни остатоци на тешки метали од велешката топилничарска депонија и на државата ѝ платилe само 13.000 денари. Ниту се полнеа, ниту тргнаа кон солунското пристаниште по двата камиони на час, односно по 50 камиони за 24 часа, од ридот со техногена минерална суровина крај Велес. Не се оствари ниту најавениот извоз во Малезија.
Со истечена еколошка дозвола, во октомври 2023 година и на неполна година од истекот на концесијата, во февруари 2026 година, оваа мала фирма, регистрирана како микросубјект во Македонија според Законот за трговски друштва, поднесе второ барање за добивање Б интегрирана еколошка дозвола до општината. Сега, со неа, освен ископ, сеење, товарење и транспорт, бара уште и дробење и мелење на троската, на отворено, поточно до самата депонија.
Тоа за велешани значи нова топилница и дополнително загадување со тешки метали преку прашината, кое воопшто и не го запре поставениот катанец на влезната капија на загадувачот, затоа што ако граѓаните се спасија од работата на тешкиот загадувач, за нив нема спас од секојдневното разнесување на прашината, како од хаварисаните топилничарски постројки, контаминирани фабрички згради со хаварисани технолошки линии и печки, така и од депонијата со тешки метали. Велешани продолжија да ги дишат, да се таложат на почвата и преку подземните води да го загадуваат Вардар.
ПО ПРОПАДНАТИОТ ИЗВОЗ ВО МАЛЕЗИЈА, МЕНАЏЕРИТЕ НА „КЕПС МОНТ ГРУП“ СО НОВО ВЕТУВАЊЕ ЗА ИЗВОЗ НА ТРОСКАТА ВО ЈУЖНА КОРЕЈА И ВО АЛБАНИЈА
Од друга страна, менаџерите на „Кепс монт груп“, Милан Шчекиќ и Бранко Радевски не гледаат на проблемите со дополнителното загадување исто како и велешани. Директорот Шчекиќ тврди дека неговата фирма треба да добие втора Б интегрирана еколошка дозвола, со двете дополнително нови технолошки операции на отворено, кои немале да предизвикаат зголемување на загадувањето бидејќи сѐ што ќе се работело на велешката топилничарска депонија, ќе било со употреба на или под вода.
„Технолошките линии на локацијата на депонијата не се топилница. Ништо нема да се топи, нема да се употребува киселина. Значи, ова е една класична сепарација со класифицирање и раздвојување на металите со гравитациски методи. Значи, примена на класична, на шејкер сепарација и мелење на троската во вода. Според сите податоци со кои располагаме и резултатите од испитувањата на проф. д-р Трајче Стафилов од Институтот за хемија, како и бројни други експерти, најголемото загадување што ќе се појави, ќе биде во вид на прашина“, призна Шчекиќ.
Според него, позитивно е мислењето на проф. д-р Стафилов, како и на уште неколку други експерти за предлогот „Кепс монт груп“ да ја дроби и да ја меле троската со или под вода, за да се спречи поголемото загадување со прашина од количествата што и сега ги има на покривите на куќите и зградите во Велес и се резултат на нивни спроведени истражувања.
„Ние предвидовме, во делот на ископот на троската да се прска со вода, за да се намали количеството на евидентно создадена прашина. Прашина ќе има, но не во големо количество затоа што другите делови од технолошкиот процес ќе се одвиваат во вода, за да не предизвика големо загадување. Предвидовме затворен технолошки процес со примена на вода што се спроведува секаде низ светот кога се санираат депонии со троска. Даваме можност загадувањето постојано да се мери, да се применува надзор и сѐ што е дополнително потребно“, додаде Шчекиќ.
Потенцирајќи дека вкупно 19 месеци од издавањето на првата Б интегрирана еколошка дозвола посветиле за добивање дозволи, изработка на елаборати и научни студии, Бранко Радевски ги предочи позитивните мислења на министерствата за економија, за животна средина и просторно планирање, за финансии, за култура, за земјоделие и шумарство, за транспорт и врски, за здравство и од МВР.
Радевски додаде дека севкупниот технолошки процес на отстранување на троската ќе го водат еминентни македонски стручњаци од Рударско-металуршкиот факултет, од Факултетот за хемија, од Шумарскиот факултет и од Градежниот институт.
„Јас, како Македонец, сакам да кажам дека немаме никаква намера да му наштетиме на Велес. Советот на Општина Велес може да предложи лице што ќе го мониторира работењето 24/7 за да следи дали ќе има или ќе нема загадување од работењето на „Кепс монт груп“. Тука во Велес нема да има топење метали, туку во Јужна Кореја. Ние имаме потпишано договор за извоз и топење со втората најголема компанија во светот „Кореа цинк“ и со втората најголема топилница во Албанија. Во Велес нема да остане ниту грам од ова количество на техногено минерална суровина затоа што веднаш по добивањето на Б интегрираната еколошка дозвола почнуваме со работа и со извоз. Сѐ ќе извеземе, освен градежниот шут, кој ќе мора некаде да се складира“, додаде Радевски.
ТРОСКАТА НА ВЕЛЕШКАТА ДЕПОНИЈА, ОД ТЕХНОГЕНА СУРОВИНА СТАНА ОПАСЕН ОТПАД, ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КОЛЕВ НЕ ИЗДАДЕ ВТОРА Б – ИНТЕГРИРАНА ЕКОЛОШКА ДОЗВОЛА
Според д-р Бошко Ников, експерт за заштита на животната средина, топилничарската депонија со троска е трета на листата на 14-те жешки еколошки точки во Македонија, според големината и составот на остатоците од тешки метали што ги содржи во себе. Но, за првпат јавно, д-р Ников соопшти дека не смеело да се третира како депонија на техногена суровина, туку на опасен отпад.
„Секаде во светот, троските од преработка на олово, како оваа во Велес, се со назнака 10.04.01 со ѕвезда, што претставува ознака за опасен отпад. Штетата е направена уште во 2016/17 година, кога е издадена дозволата за нејзино третирање како техногена суровина, а не како опасен отпад“, рече д-р Ников.
Овој експерт, во предлогот на „Кепс монт груп“ препозна едно од неколкуте можни решенија за санација на депонии низ светот, по состав исти како велешката, поточно примена на делумна или физичка сепарација и препорача строго контролирани услови.
Конкретно, пред да почне со работа, мора да се подготви Детален план на ископ, прикажан низ графика и бројки на годишно ниво, работата да се концентрира на помали површини, товарењето на троската во камионите да не влијае врз емисиите на прашина, во кои 2 проценти се олово и транспортот да биде во затворени камиони или во големи вреќи.
Д-р Ников, по завршувањето на работата, препорача задолжителна рекултивација на почвата.
Сепак, од Министерството за економија, ставот за категоризирањето на велешката топилничарска депонија е дека согласно новата Директива за управување со отпад, кој служи како суровина во друга индустрија, не може да се третира како опасен отпад. Токму, сепарацијата низ која ќе помине оваа троска и нејзиниот извоз од државата за да биде репроматеријал во некоја индустрија, било пресудно да се категоризира како депонија со техногена суровина.
Ставот на градоначалникот на Велес, Марко Колев е дека „Кепс монт груп“ може да добие втора Б – интегрирана еколошка дозвола доколку ја бара без да ја дроби и меле троската на локацијата „Баш колиби“.
„Сите дополнителни работи што сега ги бара концесионерот „Кепс монт груп“, за разлика од првата дозвола, која ја доби за ископ, сеење, товарење и транспорт, фрлаат сомнеж дека ќе се наруши животната средина во Велес и дека дел од прашината ќе го загадува градот и жителите. Тоа не е добро за сите нас и врз основа на тоа, под овие околности, решив да не потпишувам издавање на „Б“ еколошка дозвола“, рече Колев.
Освен што градоначалникот Колев не ја потпиша втората Б интегрирана еколошка дозвола на „Кепс монт груп“, исто така, и Советот на Општина Велес изгради став за преземање на сите правни мерки за неисполнување на обврските од дозволата, како и препроверка на сите издадени документи во кои велешката топилничарска депонија е именувана како „техногена минерална суровина“ наместо „опасен отпад“ од страна на министерствата за економија и за заштита на животната средина и просторно планирање.
„Кепс монт груп“ не даде официјален став дали поднеле жалба и каде се жали по одбиеното барање за издавање Б – интегрирана еколошка дозвола од страна на Општина Велес. Но, како што Јасно.мк дознава од свои извори, по Решението за отфрлање на барањето „за обнова и измена на Б – интегрираната дозвола“ поднесена е жалбата до второстепен државен орган.
Во жалбата, концесионерот на велешката топилничарска депонија образложил дека неговата намера не била да ја преработува техногената минерална суровина, туку затоа што во текот на ископувањето наишле на поголеми парчиња троска и поголемо количество органски отпад на дивата депонија, која општината дозволила да се создаде на локацијата, бара да создаде услови за товарење и извоз надвор од Македонија.
И додека државните институции одлучат по жалбата или одговорат на барањата на локацијата во „Баш колиби“ крај Велес, состојбата со дупките од ископите на троска остануваат отворени. Од нив, со ветерот ќе продолжи расејувањето на прашината со тешки метали кон Велес. Ќе се таложи на почвата, ќе продолжат да ја дишат граѓаните и преку подземните води тешките метали ќе го загадуваат Вардар. Засега не се знае до кога. Тоа што е познато е дека се повторува состојбата на „чекор напред, па три назад“, исто како и во постапката со решението за затворање на загадувачот, кој ја создаде и им ја остави депонијата во наследство на велешани.
Текстот е превземен од Јасно.мк