(Видео и фото) Граѓани лекуваат граѓани на социјалните мрежи, лекарите категорични: „Не сме Африка!“
Мора да се има предвид дека медицината е сериозна работа, како и советите. Личниот контакт со лекарот е незаменлив. Без преглед не може да се пропише лек, на телефон не може да се порачаат лекови, освен хронична терапија, која е месечна за пациентот. Примарното здравство не смее да се прескокне, а потоа и утврдувањето на потребата од дополнителна специјалистичка дијагноза, која, исто така, одредува потребна терапија, додава д-р Чолакова-Дервишова.
„Ве молам пријателки, лек за дијареја, течна столица, нешто да не знаете? Еден месец како син ми, кој има 34 години, сѐ е во ред, а тој не може да запре“, пишува во статус што на почетокот на месец декември, минатата година, деновиве го објавила анонимна членка на затворена група, со 14.600 членови на Фејсбук. Овој статус на загрижената мајка има 46 допаѓања и 140 коментари. Читаноста најверојатно ја знае администраторот на групата.
Жената не пишува дали синот бил прегледан од лекар, дали направил испитувања, има ли резултати и дали добил терапија, што впрочем како совет го добива во дел од коментарите на читателите. Но, голем е бројот и на оние совети, во кои читатели ѝ препорачуваат што треба да стори и како да го лекува синот за наводно веднаш да запре диjарејата.
Тие, во коментарите пишуваат синот да испие „една лажица живо кафе со чаша вода и веднаш ќе запре“, „чај од лушпа од калинка“, „една лажица густин во половина филџан вода“, „трипати, по три зрнца од липа“, „чај од семе од штавеј и веднаш запира!“,„пробајте едно лажиче кафе да голтне, живо, не сварено и да се напие „кока-кола“… секако, неизоставно медицински јаглен, неколку таблети растворени во вода или може растворени во „кока-кола“, задолжително и електролитен раствор зашто со таков пролив, како што велите, сигурно е дека ќе дехидрира“.
Тоа што е уште пострашно во целата приказна е што во коментарите на граѓаните има предлози за загрижената мајка, која, според нив, на болниот син е потребно да му даде и разни видови лекови, без за тоа да биде консултиран лекар. Како лично искуство што им помогнало, читателки и читатели, во коментари споделуваат и пишуваат „само капсули enterefuril, од една запира“, на што следи докажување дали името на препорачаните капсули е „enterefuril“ или „ ercefuril“ за потоа да биде постирана фотографија на која е прикажано, како пакувањето на лекот, производителот и количеството, така и точниот назив на капсулите, поточно „Enterofuryl“.
Тоа не е единствениот лек што се предлага како совет за употреба. Следат и други лекови. На новопостирани фотографии се прикажани таблетите „colosal“, со напомена дека дијарејата прекинува од една таблета, како и совети за аплицирање инјекции „gentamicin“, со неизбежните пробиотици „darmflora plus select“ и „enterolactis“. Во дел, под објавениот статус, има и коментари на читатели што ѝ сугерираат на мајката да им пише во приватна порака за да ѝ пренесат лични искуства и совети. Таа, на објавените речиси една третина од коментарите, се заблагодарува. Потоа веќе не коментира.
Загрижената мајка, всушност, не одговара откако коментари почнуваат да пишуваат членови на групата, кои очигледно е дека се здравствени работници, и тврдат дека периодот од еден месец е многу долг период за синот да живее со дијареја. Тие советуваат тој задолжително да оди на доктор за да се направат потребни испитувања, како што се гастроскопија, колоноскопија, микробиолошки анализи, како што е испитување на примерок од измет, како и шеќер во крвта, тироидна жлезда и други анализи.
„Умирав на дијализа, ова дрво ме врати од мртвите“
Во друга затворена македонска група на Фејсбук, на 1 декември минатата година, споделен е статус преземен од фејсбук-страница, отворена во соседна држава, со 183.000 членови.
Во статусот под фотографија на која се прикажани исечкани парчиња од некаков вид дрво пишува: „Умирав на дијализа, и ова дрво ме врати од мртвите, лекарите не поверуваа, дејствува 100%, и не е скапо.“
Овој статус споделуван во затворената македонската група, за три дена има 73 допаѓања и 10 коментари. Уште во првиот коментар, под постот, препознат е видот на дрвото „рујевина“ и читателка пишува дека го има и во Македонија. Потоа се појавува интерес за купување, па се лоцираат местата, пазарот и аптеката, каде што може да се купи. Следат коментари во кои се дообјаснува каде расте дрвото во соседството, таму постоела и манифестација што го носела неговото име, за потоа да се објави дека се користи за намалување на креатининот, кој е причина за намалување на функцијата на бубрезите. И покрај тоа што никој од десеттемина граѓани, во ниту еден од коментарите не пишуваат и не го квалифицираат како лек, од ден во ден се зголемува интересот за „рујевина“.
По три дена од оваа објава пишува и администраторката на групата, засега како последна под постот:
„Ништо не може да ја исчисти крвта од креатинин, уреа, фосфор и од другите отрови, како сопствените бубрези. Логиката на нештата е да престанете да внесувате состојки што ви ги покачуваат тие отрови. Кај мене, на пример, во Германија нема лабораторија што може да го измери креатининот (а ни холестеролот, кога веќе објаснувам).
Во овој пост на затворената група на Фејсбук, воопшто не се спомнува кому може да помогне дрвото „рујевина“ доколку би се користело како напивка, чај, ниту дека, за да се употреби, потребна е препорака од лекар што извршил прегледи и поставил дијагноза откако се извршени потребните анализи и добиени се резултатите.
Ова се само два примера од стотиците во кои граѓани лекуваат граѓани на интернет. Тоа се случува во затворени групи со десетици или стотици членови на социјалните мрежи, во случајов Фејсбук. Станува збор за групи во кои помеѓу статуси со содржини „се подарува“, „се продава“, „се купува“, „се користи здрава храна“, „се муабети“ и слично, зачестија статуси на граѓани, кои анонимно, без објавување на личниот идентитет, бараат сѐ и сешто како и помош и совети за лично или лекување членови на семејствата, притоа откривајќи ја личната или здравствената состојба на семејствата без да посетат лекар. И не само за возрасните членови на семејството, туку и за деца!?
БЕЗ ПРЕГЛЕД НЕ МОЖЕ ДА СЕ ПРОПИШЕ ЛЕК
Лекарската фела делумно знае за ваквиот начин на комуникација на социјалните мрежи, кои првенствено се креирани за социјализација на интернет. Секој лекар не е дел од илјадниците затворени групи и затоа тешко може да следи сѐ што се објавува и се коментира во нив.
За претседателката на Здружението на приватни лекари, д-р Лилија Чолакова–Дервишова, совети или препораки, можеби споделување лични искуства од ефекти на алтернативната медицина, се делумно прифатливи. Нејзиниот коментар е дека единствено лекарот може да утврди анамнеза и да постави дијагноза, како и да пропише терапија. Сѐ друго е ризик за здравствената состојба на граѓаните.
„Ние не сме Африка, затоа препорачувам дека ако сѐ уште нешто му е достапно на секој граѓанин, тоа се матичните лекари. Ние со нашите пациенти контактираме на Вибер, а и на други социјални мрежи и во секој момент тие може да нѐ прашаат, а ние да одговориме. Исто така, во нашите аптеки работат стручни медицински лица, поточно аптекари, кои секако се на располагање на граѓаните за информации и за консултации. Тоа што е потребно прво, е консултација со матичен лекар. Не би се сложила дека е потребна таква дискусија што граѓаните ја практикуваат за здравствена состојба. И јас сум прочитала статуси со прашања од видот „каде да отидам на бајачка“ или „што да направам“. Сум одговорила досега, ќе повторам и сега, медицината е наука со голем број гранки. Морам да им препорачам на граѓаните прво да се консултираат со лекар бидејќи некогаш се значајни деновите и минутите, за да не доведат до промашена дијагноза и лекувањето да не тргне во погрешна насока. Ако се лекуваат вака на Фејсбук, тогаш немаше да постојат лекари, ни специјалисти, ниту клиники и наука, за да не се направи промашување, кое некого би го чинело живот,“ рече д-р Чолакова-Дервишова.
Лекарката, споделувајќи го искуството, од земјите на Запад додава дека затворените групи на социјалните мрежи се корисни за одредени болести, како за пациентите што се лекуваат од зависност од алкохол или од карцином, во кои едни на други си ги кажуваат своите здравствени проблеми, си даваат поддршка или утеха, се споделува тагата или радоста.
„Сепак мора да се има предвид дека медицината е сериозна работа, како и советите. Личниот контакт со лекарот е незаменлив. Без преглед не може да се пропише лек, не може на телефон да се порачаат лекови, освен хроничната терапија, која е месечна за пациентот. Примарното здравство не смее да се прескокне, а потоа и утврдувањето потреба од дополнителна специјалистичка дијагноза, која, исто така, одредува потребна терапија”, додава д-р Чолакова-Дервишова.
Почетоците на напливот на затворените групи на социјалната мрежа Фејсбук се од времето на пандемијата со корона. Трендот продолжи, но голем број на постоечките и создадените за сосема поинаква намена, кои граѓаните ги користат, се чини се на штета на личното и на колективното здравје.
Убавка Јаневска
Текстот е превземен од портал Јасно.мк