Кавадарчани се гушат од загаден воздух, но тешко можат да докажат кој ги загадува! (фото и видео)
Декемвриско утро во кавадаречко Возарци. Чадот од оџаците на куќите единствено навестува дека во селото има живот. Гласови од луѓе слушнавме дури кога се приближивме до селската продавница. Таму затекнавме неколкумина жители кои дошле да пазаруваат. Ги прашавме како живеат во близина на „Еуроникел индустри“ и загаден ли е воздухот што го дишат? Дел од нив не сакаа да одговорат. Двајца без проблем застанаа пред камерата.
„Најчесто загадување е кога камионите кипаат, кога се носи руда по 200 камиони на ден. Тие се најглавни проблеми“, рече Трајко Колевски, жител на Возарци.
„Мириса. Да отидам на лозјето во Шивец, имам таму лозје, кога ќе излеземе со снаата и со внучињата сите сме црни. Со црвеница, со кал, сме на нас, на лице, на раце, на облека. Кога го береме грозје е најтешко, рече Роза Трајкова, жителка на Возарци.
Жителите на Возараци од своите прозори секојдневно го гледаат индустрискиот комбинат „Еуроникел“. Од нивните домови тој е оддалечен помалку од 500 метри воздушно. Ги дели само регионалниот пат Шивец – Кавадарци – Дреново. По него се одвива транспортот на рудата со камиони што се топи во печките на индистрискиот капацитет. Токму за овој вид загадување дел од жителите му напишаа на истражувачкиот тим на Дума.мк. Убедени се дека дополнително ги загадува прашината што се разнесува од транспортот на рудата.
Со нив не се сложува менаџментот на „Еуроникел индустри“. Тие наместо во камера одлучија писмено да одговорат на новинарските прашања. Тврдат дека совесно и одговорно работат, согласно А интегрираната еколошка дозвола. Според менаџерите индустрискиот капацитет не е предизвикувач на загадувањето на амбиенталниот воздух со ПМ 10 и ПМ 2,5 честички. Тие, освен на резултатите од интерните секојдневни мониторирања на амбиенталниот воздух и на емисиите на оџаците, од четирите годишни мерења на акредитираните лаборатории како и редовните на државните институции, ги посочија и резултатите од анализата на Општина Кавадарци. Нивните мерни станици не покажувале високи концентрации на прашина од транспортот на рудата, емисиите само биле во рамките на дозволеното.
„Градоначалникот на Кавадарци одржа прес конференција на која ги презентираше резултатите од тригодишното истражување за квалитетот на воздухот, а се базира врз мерењата вршени од три мерни станици поставени во Кавадарци и една во село Возарци. Причината поради која го споменуваме е што самата Анализа е направена независно од нас, а за потребите на општината, при што резултатите јасно и недвојбено покажуваат дека во Кавадарци и Возарци, кое е исто така најблиското село после Шивец, имаат проблем со загадувањето единствено во зимските месеци, што е последица на користење на класичниот начин на греење на домаќинствата“, пишува во писмениот одговор на „Еуроникел индустри“.
Двете мерни станици во Општина Кавадарци како и едната во село Возарци се на Лабораторија „Амбикон“ на Факултетот за природно технички науки при штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“. Раководителот, проф. д-р Дејан Мираковски вели дека општината презентира само дневни вредности на елементарен јаглерод во воздухот, една од најважните компоненти на ПМ 2,5 честичките кои во атмосферата доаѓаат од некомплетни процеси на согорување на течни и цврсти фосилни горива и био маса. Затоа Мираковски смета дека неопходно е да се направат темелни истражувања и анализи за прецизно да се идентификуваат видовите на загадување и загадувачите.
„Од вакви типови на загадување, од вакви типови на мерење, тешко можете да ги утврдите изворите на загадување. Можете да ја видите временската распределба, можете да видите кога се пиковите, меѓутоа не можете да кажете дека толку проценти доаѓаат од ова а толку проценти од тоа. Затоа што тоа е друг вид на мерење. Тоа мерење се вика пропорционирање на извори, се прават модели на рецепторите, емисиони модели, и има поприлично покомплексна задача, рече Мираковски.
И додека општината ги прави првите чекори за утврдување на квалитетот на амбиенталниот воздух кавадарчани знаат дека со години наназад континуирано дишат загаден воздух. Особено во грејната сезона.
-Од што најмногу е загаден воздухот во Кавадарци?
„Од индустријата, фактички Фени е доста голем загадувач и греењето на луѓето. Мислам се греат со материјали што испуштаат штетно зрачење“.
„ Мислам Фени и таа индустрија што ни е тука во Кавадарци“.
„Од автомобилите, од колите и од премногу голем сообраќај“.
„Колку што може да се избегнува и да се заштитат и да не загадуваат индустриските капацитети и домаќинствата. Секој што загадува придонесува за поголема штета лично за себе и за нашите деца“.
Државниот инспекторат за заштита на животната средина не ни одговори конкретно на новинарските прашања за бројот на денови и на месеци кога се утврдени највисоките концентрации на загадување на воздухот во Кавадарци. Тоа што мери оваа државна станица го потврдија граѓанските организации. Во пиковите концентрациите на ПМ 10 или ПМ 2,5 честичките се дури осум пати повисоки од МДК.
„Сето тоа е сублимат од повеќе фактори како што се индустриското загадување, големиот број на автомобили и загадувањето од домаќинствата. Не можеме да кажеме дека загадениот воздух е само од домаќинствата или од автомобилите, рече Роберто Паризов од ЕД „Еко живот“ Кавадарци.
Со Паризов се сложува и екологистот Горјан Јовановски од Иницијативата „Зелен хуман град“. Тој смета дека загадувањето на воздухот во Кавадарци е специфично. И тоа поради секојдневното надминување на дозволените граници на ПМ 10 и ПМ 2,5 честички, регистрирани од страна на државната мерна станица, од 15 октомври до крајот на 2021 година. Јовановски е дециден кога бара 24 часовен мониторинг на индустриските капацитети за да се утврди точниот извор на загадувањето.
„Според нас активистите, коишто долги години се бориме против загадувањето, мора да има континиуран 24 часовен мониторинг, јавен кој што ќе биде достапен во било кој момент, за кој било граѓанин да ги види точните изворни вредности на аерозагадувањето што произлегуваат во околината на овие индустриски објекти. Да се постават станици буквално периментарно околу секој индустриски објект кој што има А или Б интегрирана лиценца за да се знае точно дали тие загадуваат или не придонесуваат за аерозагадувањето и тоа дека навистина доаѓа од домаќинствата од автомобилите итн“, рече Јовановски.
За градоначалникот Митко Јанчев реализацијата на два стратешки инфраструктурни проекти претставува решение за деценискиот проблем со загадувањето. Првиот е гасификацијата на градот. За неа општината подготви основен и изведбен проект за секундарна и примарна мрежа во должина од 17 километри. Вториот е изградба на заобиколница околу Кавадарци. За овој проект потребна му е финансиска помош од државата.
„Државата треба малку посериозно да го третира Кавадарци во делот на таа заобиколница затоа што имаме два до три посериозни производствени капацитети со над 7.000 вработени и дневно по 300 до 400 тешки товарни камиони кои што доаѓаат до фабриките. Тие сообраќаат делумно низ двете населби, село Марена и населбата Глишиќ, за преку Кавадрци да продолжат кон Возарци или кон Росоман. Заобиколницата би била траен спас за тешкиот товарен сообраќај да го тргнеме од Кавадарци и така ќе се спасиме од голем дел на загадувањето коешто доаѓа од товарниот сообраќај. Тука мислам на прашината, на бучавата и на согорувањето на горивото од самата механизација“, рече Јанчев.
Локалната власт, исто така, за излез од фактичката состојба го подготви Локалниот еколошки акционен план. Веќе четврта година ги стимулира граѓаните со субвенции за инвертер клими и велосипеди, а од годинава планира да ја намали цената на јавниот превоз. Пензионерите и граѓаните кои живеат над 2,5 километри оддалеченост во општината ќе се возат бесплатно. Општината дополнително ќе инвестира и во алтернативни извори на електрична енергија, поставувајќи фотоволтаични панели на сите јавни објекти.
Истражувачки тим на Дума.мк
Убавка Јаневска
Даниела Саздова