Климатски промени: „Макарија“ приоритетна но, не и единствена мака на росоманските производители на праски и на градинарски производи
Папки врзале скроените гранки на праските во Росоман. Дел од овошните насади на семејството Петреви и годинава ќе расцутат до крајот на февруари. Сонцето и над просечната температура од 12 Целзиусови степени, во зима без снег и дожд, воопшто не ја радуваат овоштарката Елена Петрева. Таа со ножици за кроење ги проверува изрежените места и скроените гранки на дрвцата во овоштарникот, големината на папките и пресметува колку од нив ќе ги издржат сончевите зраци без да процутат. Тоа е особено значајно,како што рече Петрева, за да се спаси родот во цутење од појавата на временска непогода, ранопролетен мраз која што во последните години зачестена е на ова географско поднебје во државата.
„Климата е многу променета. Во росоманско наместо четири имаме две годишни времиња. Пролет и лето,“ раскажува Петрева. Кога ова традиционално производителско семејство на праски во најголемиот македонски регион, росоманскиот, одлучило да инвестира во нови насади во зима паѓал снег а во пролет немало временски непогоди со ранопролетен мраз. Петреви ја избирале европската сорта „Зи лејди“ поради по квалитетен род, по убав лик и поголемата прилагодливост на плодот на транспортните потреби за пласман на странските пазари. Но по засадувањето на дрвцата се појавиле временските непогоди. „За жал, во изминатите пет години реколтите се преполовени. Направивме погрешна инвестиција. Сортата „Зи лејди“ рано цутии, цутот не успева да се задржи на гранките кога дневната температурна амплитуда варира со дванаесеттина степени, значи во денот 12 а ноќната паѓа на нула, како и на појавата на ранопролетен мраз,“ додава Петрева.
Оваа регистрирана овоштарка, само една е од десетиците производители на праски во Општина Росоман. Таа е носител на семејниот овоштарски бизнис, стар три децении, како на периферијата на Росоман така и во атарот на село Паликура. Елена ги ора, ги крои и во овоштарниците применува повеќекратна заштита со прскање. Сепак ,последниве години, преполовен е квалитетот на родот во берба. Него во последниве години не го спасија ни поставените системи за наводнување „капка по капка“. Минатата година од системот не прокапла ни капка вода кога на дрвцата им беше најпотребна. Во пеколно топлото лето хаварија му се случи на сифонот „Макарија“ којшто е дел на Хидромелиоративниот систем „Тиквешко поле“.
„Последниве години количините на вода од хидромелиорацијата не беа ни оддалеку доволни. Минатата година беше катастрофална. Не протече ни капка вода во каналите, од јуни до август. Среќа во целата несреќа беа обилните врнежи во месец мај и го спасија до некаде родот на раната сорта „Зи Лејди“. Голема количина на плодови од бербите на подоцнешните сорти „Ред хавен“, „Крест хавен“ и „Спринг крест“ ги предадовме на преработка, поточно за производство на сок и на мармалади,“ додаде Петрева.
Во Општина Росоман овоштарниците се простираат на обработлива површина од 6.543 хектари. Сите се сопственост на индивидуални производители, соопштија од општината. Овоштарите одгледуваат праски на површини од десеттина декари до исто толку хектари. Најголемиот производител, поранешната задруга „Душан Ќириќ“, ги продаде а новите газди ги ископачија најголемите површини под праски и сега садат лешници на околу 340 хектари. Фирмата прва се откажа од традиционалното производство на ова македонско овошје кое освен на домашниот , последните години, се извезува на пазарите во Хрватска, во Србија, во Црна Гора откако поради војната се затворија во Русија, во Украина и во другите балтички земји.
И додека од една страна овоштарите се борат за пласман на родот од друга страна ја губат битката со справување на последиците од климатските промени. Штети имаат скоро секоја години и се предизвикани од различни временски непогоди. Минатата година родот го исуши пеколното сонце по хаваријата на системот за наводнување „Макарија“ додека претходните години ранопролетниот мраз како и појавата на град. Овоштарите скоро секоја година пријавуваат штети, од 2016 –та наваму. Вкупната сума на исплатена отштета од државата изнесува 1.098.062 евра. Производителите отшетата ја добија во 2022 и во 2023 година што значи дека некои чекале и шест години. Состојбата според нив била најдраматична во 2021 година кога државата им признава и исплаќа штети во вредност од 548.955 илјади евра.
Оваа вкупна исплата на штетите од временските непогоди за овоштарите во Росоман државата ја чини над седум милиони денари повеќе од штотуку реконструираните и ставени во функција нови пумпи на станица „Марена“, санираниот доводен канал и поставениот „Скада систем“ за обезбедување на сигурно наводнување на 2000 хектари земјоделска површина во кавадаречко за што државата инвестира 60,3 милиони денари. Според информации на министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство пумпната станица „Марена“ изградена е пред повеќе од половина век исто како и сифонот „Макарија“ со каналите за наводнување на овоштарниците и на земјоделските површини во Росоман и во Градско.
Стручњаците категорични се дека климатските промени започнале да го собираат данокот од овоштарите во росоманско, од пред седум години. Земјоделскиот инжинер Коце Петрев, секојдневно присутен на сопствените како и на насадите со праски на соседите и пријателите, анализирајќи ја состојбата на терен констатира дека од година во година се берат се помали количини на род од една и од друга страна итно потребна е примена на две од повеќето мерки за заштита на насадите како ефектни за постигнување на рентабилност во услови на справување со последиците на климатските промени.
„Користење на „Антифрост систем“ е една сериозно добра практика за заштита на овоштарниците од раните пролетни мразови. Се применува кога температурата на воздухот се симнува на нула Целзиусови степени. Во такви услови се пуштаат микрораспрскувачи коишто создаваат облаци од вода над крошните на праските и од нив капат ситни капки на гранките за да создаваат слој на добар изолатор, поточно превенција, од појавата на ранопролетен мраз како временска непогода. Исто така за заштита од јаките сончеви зраци и за град над насадите мора да се постават заштитни мрежи. На ваков начин големи површини под јаболков насад се штитат во соседна Србија и е постигнат ефект на заштитени стотици хектари јаболкарници. Станува збор за добра и во исто време скапа инвестиција којашто за жал во росоманскиов дел од Вардарски регион ретко кој од овоштарите можат да си ја дозволат, рече инжинер Петрев.
Но, ако примената на втората заштитна мерка поврзана е со економската моќ на овоштарите, првата, „Антифрост систем“, исклучиво зависи од полни а не од пресушени канали со вода на сифонот „Макарија“. И тоа континуирано, во текот на годината, за да се обезбедат неопходните сто литри вода за заштита на едно насадено стебло на праска наспроти практиката вода да тече во недоволни количини или воопшто да ја нема кога е најпотребна за наводнување во календарската година.
Климатските промени го искоренија производството на зеленчук на отворено во росоманско
Во услови кога снег со години не паднал во овој дел од државата и само неколку врнежи на дожд во месец мај, минатата година, во количини од 200 литри на м2, почвата е сува, категорично тврдат раноградинари во Росоман и во Градско. Тие веќе не произведуваат зеленчук на отворено. Се преорјентирале на производство во фолии. Нив ги принудила неколкудневната влага којашто ја обезбедува наврнат дожд наспроти благодетот што на почвата може да и го донесат паднатите количини на снег во зима, чие топење е постепено и обезбедува по долгорочна влага.
Градинарите во фолии одгледуваат разни видови на салати, млад кромид и лук, пиперки, домати, тиквици, син домат, моркови, зелка, праз и други видови на зеленчуци. Но и оранжериското производство зависи од доволните количини на водата од „Макарија“ или од ископани бунари како алтернатива на недостатокот од хидромелиоративниот систем „Тиквешко поле“.
Драги Костадинов првата фолија, на јужниот излез на Росоман, ја подигнал пред три децении. Фолијата била висока четири метри, со едностран лак од осум метри, за да издржи наврната снежна покривка со висина од 40 см. Костадинов тогаш во една реколта, на површина од 450 м2, произвел 10 тони оранжериски краставици од чија продажба се купувал трактор. Триесет години подоцна проценките се дека фолиите треба да се монтираат за уште четири метри во висина со цел да се амортизира топлината којашто се создава по принцип на „вршник“ во нивната внатрешност. Поточно жештината да се задржи во еден метар простор, во највисокиот дел, додека температурата во долниот на фолиите да биде пониска и да одговара за производство на квалитетни раноградинарските култури.
„Последниве години имаме преголема жештина во лето кога термометрите мерат над 40 Целзиусови степени. Превисоки се и коефициентите на УВ зрачење. Ако нормалната граница на зрачење на УВ индексот треба да изнесува помеѓу 3 и 5 ние се соочуваме со многу повисоките вредности а често и два ипол пати повисоки во летниот период, рече Костадинов. Во вакви температурни услови за градинарските култури е неиздржливо жешко во фолиите и приоритетно потребна е доволна количина на вода. „Реколтата може да се спаси само со поставување на посебен систем на разладување, поточно преку оросување од бренери кои ќе придонесат засадениот зеленчук да даде квалитетен род. Мора да се постават и заштитни мрежи. По правило мрежите треба да се постави на половина метар над фолијата, на систем од жици за да се овозможи неопходно потребно струење на воздухот. Засега ние ги поставуваме во внатрешноста на фолијата со цел колку толку да ја амортизираме жештината и да постигнеме квалитетна реколта,“ додаде Костадинов.
Овој е само еден од повеќемината градинари кои сметаат дека можат да се борат со цената на градинарските производи но, не и ако снема вода во бунарите или во каналите на хидромелиорацијата за наводнување. Ниту еден од нив не сака повторно да се соочи со минатогодишната хаварија на „Макарија“.
Државата нема доволно финансиски средства за генерален ремонт на старите и дотраени Хидромелиоративни системи
Од АД „Водостопанство РСМ“, одговарајќи на новинарското прашање дали е оправдан стравот на овоштарите и градинарите во Росоман и во Градско од можна нова хаварија на сифонот „Макарија“ смируваат со констатација дека ланската хаварија санирана е и нема опасност од повторување. Државата преку Министерство за замјоделство, шумарство и водостопанство обезбедила финансиски средства за санација на оштетениот сифон со времено решение.
„Временото решение всушност е примена на челични цевки, со високо подобрени својства на квалитет, со нешто помал дијаметар од претходниот. Ова од причина што истите цевки беа најбрзо можно применливи односно доколку се применуваа цевки кои требаше дополнително да се произведат, потребното време за нивна изработка ќе изнесуваше минимум два месеци и ако на тие два месеци се додаде и времето за изведба, тогаш сезоната за наводнување во 2023 година ќе беше испуштена“, напишаа од АД „Водостопанство РСМ“.
Сепак државата признава дека нема финансиски средства за изведба на трајно решение кое би се состоело од поставување на нов, до постоечкиот цевковод. Исто така, генералната оценка на водостопанското претпријатие за состојбата во која се наоѓаат Хидромелиоративните системи во Македонија, меѓу нив и „Тиквешко поле“, е дека изградени се во 80 – тите години на минатиот век, стари се и за нивно одржување потребни се поголеми финансиски средства. АД „Водостопанство“ и државата не можат одеднаш да ги обезбедат од сопствени извори. Генералната санација ја усложнувале големината на системите и крајно сложена водостопанска инфраструктура составена од брани со придружни објекти, примарни системи со илјадници километри, пумпни станици и огромна детална подземна цевководна мрежа. Затоа со помош на ресорното Министерство, на други министерства и државни институции, на АФПЗРР во рамките на финансиските можности се вршеле континуирани санации на делови од хидромелиоративни системи.
ЗГ„Вредни росомански раце“ и росоманки го спасуваат родот погоден од последиците на климатските промени
Засега искра надеж во борбата со климатските промени за овоштарите и градинарите во росоманско дава едно граѓанско здружение. „Вредни росомански раце“ и претседателката Весна Јаневска, регистриран земјоделски производител, се тие кои во изминатите неколку години успеваат да мотивираат доволно работна женска рака за преработка на неквалитетниот род и за намалување на загубата од временските непогоди како на овоштарите така и на градинарите.
„Кога родот нема доволно добар квалитет за да се продаде како плод на домашните и на пазарите во странство ние го собираме и го преработуваме. Од омекнатото овошје произведуваме сокови, мармалади, џемови, компоти или слатко. За преработка на ситните и на изглед недоволно добри зеленчукови плодови ги палиме и седнуваме покрај ќумбињата. Ги преработуваме во финални производи поточно со нив ги полниме теглите и преку процеси на пастеризирање и вакумирање го пролонгираме периодот на продажба. Печеме ајвар и лутеница. Нижиме пиперки, произведуваме црвен пипер и сушен црвен домат, рече Јаневска.
Сите овие производи освен на локалниот росомански пазар се продаваат и на пазарите од Велес до Демир Капија. Тие постигнуваат почетни продажни резултати како на домашните пазари така и на саемски изложбени продажби.
Убавка Јаневска
Оваа сторија е продуцирана со поддршка на регионалниот проект „SMART Balkans – Зајакнување на улогата на медиумите во справувањето со климатските промени“ имплементиран од Центарот за промоција на граѓанското општество (CPCD), Центарот за истражување и креирање политики (CRPM) и Институтот за демократија и медијација (IDM) и финансиски поддржан од Министерството за надворешни работи на Норвешка (НМФА). Содржината на сторијата е единствена одговорност на авторите и не мора да ги одразува ставовите на Министерството за надворешни работи на Норвешка (НМНР).