Само поради возраста Илија Кавазов од Градско лишен од правото на мобилност(ФОТО)
Целосно неподвижен и врзан за кауч, во мала соба на тесен стан и сосема зависен од помошта на сопругата, го затекнавме Илија Кавазов, во неговиот дом во Градско. Овој седумдесет и пет годишен маж боледува од детска парализа уште од осум месечна возраст. Неговите нозе никогаш не биле подвижни, па морал да користи штаки за да стигне до училиште, а подоцна и до работното место во земјоделскиот комбинат. И сега ги има, но штаките веќе не може да ги користи. Освен годините натежнала и неговата килажа. Овој човек не е корисник и не може да оствари право на државна парична помош за инвалидност.
„Сосема сум одземен од половина надолу. Мојот животен простор е само овој кауч, на којшто јадам, спијам, вршам нужда. Сопругата едвај ме крева за да ме искапе, пресвлече или пренесе на најблискиот стол, преку само 30 сантиметри. Сонце или месечина гледам низ прозорец, така знам дали е ден или ноќ. Порано со штаки се поткревав и со помош на држачите поставени на ѕидовите во собите и претсобјето, некако стигнував до бањата. Сега и тоа не го можам. Од 2006 година добивам додаток за нега на трето лице но, мене никој не ми кажа дека можам да остварам право и на мобилност. Ни лекари, ни специјалисти, ни Центар за социјални работи Велес, ама буквално никој се додека сам случајно не открив дека ми следува. Никој од нив не дошол до сега да ме види“, рече Кавазов.
Досега Лекарската комисија за конзилијарно мислење во два наврати го одбила Кавазов за додаток за мобилност. Таа не сметала дека тој поради одземеноста, болестите и годините има право на додаток. Ни во 2016 година кога одлучила за прв пат, ниту две и пол години подоцна кога одлучила по втор пат. За двете комисии на ЈЗУ Универзитетска Клиника во Скопје – ТОАРИЛУЦ не бил доволен купот медицинска документација што овој човек го има и го носеле неговите блиски кај лекари, кај специјалисти за да обезбедат специјалистички мислења. Некои од документите се стари и седум децении. Лекарите, во конзилијарните мислења, пишуваат дека Илија Кавазов не им нуди доволно медицински докази за да го проценат неговиот „моторен дефицит“.
„А замислете се се вртело околу тоа што јас не сум користел инвалидска количка. Ако сум ја имал, ќе сум добиел мобилност. И што ако сега еве ја имам, а јас не можам да ја употребувам. Сопругата не може да ме крене. Каде со количка во домов да се движам кога нема место. За да ме однесат три пати на лекарска комисија од дома ме изнесуваа на раце и на стол. Сакајте верувајте или не во изминативе 20 години од дома ме изнесоа вкупно четири пати. Три пати за кај лекарските комисии и еднаш кога ја мажев ќерката за да бидам присутен во ресторан. И што ако сум бил кај лекарските комисии, па тие во 20 секунди само ме видоа, не ме прегледаа. А луѓе ангажиравме, да ме стават на стол, да ме изнесат од станот, да ме симнат по скалите долу пред зграда, да ме стават во автомобил, од кој повторно во Скопје ме извлекуваа, носеа на стол и враќаа на ист начин до дома“, додаде Кавазов.
Инвалидската количка е еден од условите за добивање на мобилност пропишана во член 4 на Правилникот за остварување на право на додаток за слепило и мобилност. Неа Кавазов ја обезбедил дури во јуни 2019 година и пет месеци подоцна, во трет обид, добил позитивно Конзилијарно мислење. Но, бадијала. Во ноември, истата година, потписите на лекарите не важат бидејќи Законот за социјална заштита пет месеци претходно бил сменет. Стапил на сила, веднаш, на 23 мај. Во член 44, на овој закон, пишува дека право на мобилност остваруваат само лица на возраст од 26 до 65 години. Тогаш Кавазов има седум години повеќе. Јалов бил уште вториот негов обид, но тој незнаел за изменетиот Закон кој веќе му го скратил тоа право.
Ако Кавазов не знаел требала да знае лекарската комисија на ТОАРИЛУЦ дека со позитивно решение овој човек не може да го оствари правото на овој вид социјален додаток.
„Јас се чувствувам дискриминиран. Се жалев до сите можни институции од Центар за социјални работи Велес, преку Министерство за труд и социјална работа, до Управен суд, претседатели на Собрание, на Влада и на држава, Народен правобранител и од нигде не добив помош. Сите ми одговорија дека немам право на мобилност поради возраста. Сфатив дека е многу тежок и трнлив патот до правдата што обичниот човек не може да ја оствари. Пари за тужби и судски процеси немам. Знам дека сум во право, но не можам да истерам правда во оваа наша држава“, додаде Кавазов.
Инаку, измената на спорниот член 44 од Законот за социјална заштита ја иницира „Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија „Мобилност – Македонија“. Сега членот гласи: „Надоместок заради попреченост може да оствари лице со навршени 26 години возраст најдоцна до 65 годишна возраст, а се користи без оглед на старосната возраст на корисникот“ што во споредба со претходната верзија кога возрасната граница за паричен надоместок не била ограничена.
Истражувачкиот тим на Дума.мк го праша претседателот на „Мобилност Македонија“ Бранимир Јовановски зошто ја иницирале ваквата промена и не е ли дискриминаторска кон граѓаните кои станале инвалиди, а се помлади или постари од возраста лимитирана во новиот закон.
„Мораше да се стави некаков ред преку законската одредба и да се ограничи возраста на 65 години. Претходно се правеа големи злоупотреби токму со старите лица. Се сеќавате ли на времето како во коли ги носеа на Лекарска комисија за да остварат право на паричен надомест за инвалидност, глувост и слепост. Јас вас би ве прашал дали е по потребно 30 годишен човек, кој едвај се движи со штаки, да прима надоместок за да му помага во животот или на 70 односно 80 годишен човек“, рече Јовановски.
Но, претседателот на „Мобилност Македонија“ не ни одговори конкретно зошто приматели на мобилност не можат да бидат лица кои стекнале инвалидитет, а се помлади од 26 години.
Истите прашања, на мејл ги испративме и до Министерството за труд и социјална политика. Но оттаму не добивме одговор.
По молкот на институцијата што го подготви, го внесе во собраниска процедура, а законот го изгласа и Собранието на Република Северна Македонија став баравме од граѓански здруженија. Од Коалиција за правично судење одговорија експресно дека уставноста и законитоста на член 44 став 2 од актуелниот Закон за социјална заштита е ставен под знак прашалник по поднесена иницијатива пред Уставен суд.
„ Уставниот суд одлучил дека има основ за поведување на иницијатива по однос на конкретниот член, бидејќи законодавецот не ги следел принципите на еднаков и рамноправен третман на граѓаните, условувајќи го правото на паричниот надоместок поради попреченост со возраста на граѓанинот“, рече Емилија Спасовска од Коалиција за правично судење.
Таа појасни дека пред Уставен суд постапка за оценување на уставноста и законитоста на спорниот член иницирале граѓанинот Александар Долгоски од Прилеп и здружението на граѓани Институт за човекови права од Скопје. Во нивните иницијативи се бара преиспитување повикувајќи се на девет члена од Уставот на Република Северна Македонија, на шест члена од Законот за спречување и заштита од дискриминација и на членот 14 од Европската конвенција за заштита на човековите права.
„Решението донесено од Уставниот суд претставува времена мерка и е согласно член 27 од неговиот Деловник за работа согласно кој овој суд може во текот на постапката, до донесувањето на конечна одлука, да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на закон, друг пропис или општ акт чија уставност односно законитост ја оценува, доколку со неговото извршување би можеле да настанат тешко отстранливи последици. Тоа значи дека сите постапки кои се започнати по овој член моментално се запираат се додека Уставниот суд не донесе конечна одлука со која ќе се оцени уставноста на овој член 44 од Законот за социјална заштита“, додаде Спасовска.
За веќе оспорениот член 44 од Законот за социјална заштита Илија Кавазов дозна од тимот на Дума.мк. Го контактиравме да му соопштиме дека сепак има светла точка на крајот од тунелот и дека неговата борба за да ја истера правдата можеби се уште не е завршена. Кавазов не беше изненаден, но со тешка воздишка рече:
„Ова за мене е кревање на рампа за влез во рајот, наместо да останам во пеколот каде многу луѓе си ги лечат своите фрустрации со мојата тешка судбина“.
Истражувачки тим на Дума.мк
Убавка Јаневска
Даниела Саздова