Сеништето на Топилница никако да се помести од Велес (ВИДЕО и ФОТО)

Објавено на 24 декември, 2021 во 14:18

Овој црн рид со 1.800.000 тони троска од тридецениското работење на Топилницата се уште им тежи на велешани. Тие пред две години имаа надеж  кога државата избра концесионер за да ја реши оваа жешка еколошка точка. Но, две години подоцна разочарувањето е очигледно затоа што компанијата „Кепс Монт Груп“ ископа само 370 тони од депонираната троска. Така пишува во годишниот извештај што компанијата го поднесе до Општина Велес. Од таму велат дека ископот како воопшто да не е почнат.

„Одвреме навреме редовно доаѓаме тука, меѓутоа состојбата како што гледате е иста, односно поставена е опрема за сепарирање на техногено минералната суровина. Не сме сретнале ниту возила, ни вработени кои  што работат на локацијата во 2021 година“, рече Билјана Шуркова Манаскова, раководител на Одделение за животна средина на Општина Велес. 

Општината на „Кепс Монт Груп“  му издаде Б интегрирана  еколошка  дозвола во октомври 2019 година со која го обврза, во рок од четири години, да ја изнесе троската од локацијата и црниот рид да го снема.

Фото: Билјана Шуркова Манаскова

„Кога ќе истече дозволата операторот практично не ќе може да работи на локацијата. Исто така, дозволата може да биде одземена, ако од неоправдани причини во рок од две години во континуитет не се вршат никакви активности на инсталацијата. Исто така, ако се извршуваат активностите спротивно од условите утврдени во дозволата што може да ги утврди само овластен инспектор за животна средина со овластени решенија“, додаде Шуркова Манаскова.  

На локацијата очигледно е дека концесионерот не работи. Таму затекнавме  инсталација за сепарирање, неколку купчиња  преработена троска, една барака  и расфрлани метални предмети. Локацијата не е оградена и осветлена, иако „Кепс Монт Груп“ си обезбеди струја. На депонијата ништо не е сменето освен дупката направена со ископот која според експертите е особено порозна, но и сензитивна на врнежи и на влага.

Фото: д-р Бошко Ников

„Олово силикатот е главно растворлив и може да се случи тој да дојде во раствор. Од друга страна цинкот е нешто постабилен,  па тука се можни и други комбинации, ферити и слични кои што можат во одредени случаи да се растворат. Овие 370 тони ископана троска не се ништо посебно, не значи дека ќе направат и штета врз животната средина односно врз подземните води и почвата, но нешто такво не треба и да се исклучи“, рече д-р Бошко Ников, дипломиран металург инжинер.

По 17 години од ставениот катанец на влезната капија на Топилницата за олово и цинк,  воздухот во Велес е загаден со тешки метали. Тоа го потврдуваат дневни концентарции на ПМ 2,5 и на ПМ 10 честички. Загадувањето е присутно независно дали граѓаните живеат и работат  на 50 или на 1.500 метри воздушно од депонијата. Дел од нив се производителите на овошје и на зеленчук Илија Смилев и Ристе Илиев, чии ниви се на 50 метри под црниот рид. Прашината од троската ветерот ја разнесува како на родните дрвца во праскарникот на Смилев така и на садниците со зеленчук во фолиите на Илиев.

Фото: Илија Смилев

„Најлошата последица е тоа што подземните води, што се присутни на овој терен, се загадени и тоа негативно влијае на целиот растителен свет. Кај мене на овоштарникот има последици, дрвјата почнуваат да се сушат и покрај тоа што им ги давам сите потребни елементи за нивниот развој“, рече Илија Смилев.

Фото: Ристе Илиев

„Тоа е страшно, подземните води никој не може да ги контролира кај се движат. Никој не прави анализа да види дали во водата има жива, не смее да се одгледува, ако треба да се забрани нека се забрани цел реон, нека им се плати на луѓето. Што е тоа да се плати оваа земјичка за една држава, ништо, смешна работа“, рече Ристе Илиев.

Подземните води од депонијата со троска ги содржат тешките метали олово, цинк и кадмиум кои се разградливи. Водите понираат и преку обработливите ниви се слеваат директно и во река Вардар, од која што се наводнуваат  градините во Башино Село и населбите Шорка и Речани. Велешани ги купуваат и се хранат со зеленчукот и овошјето кои се продаваат на велешкиот, на пазарите во државата а младиот кромид се извезува и во странство.

Безуспешни беа трите обиди на истражувачкиот тим на Дума.мк да обезбеди одговор од концесионерот на новинарските прашања кога велешани ќе ги видат камионите што секојдневно од депонијата ќе ја извлекуваат троската и за колку време ќе биде изнесена од градот. Во секоја телефонската комуникација „Кепс Монт Груп“ го одолжуваше одговорот за десетина дена.

Добро упатени извори велат дека со одолговлекување на ископот „Кепс Монт Груп“ купува време. Особено откако побарала од општината измена во Б интегрираната еколошка дозвола за да постави опрема со која прво ќе го одвојува железото, а потоа ќе ја сепарира и изнесува троската од Велес. Општината го одбила барањето со образложение дека депонијата не е стабилна и е на локација за која нема планска документација. Операторот се жалел пред  Второстепена државна комисија. Таа го прифатила барањето и предметот го вратила на повторно одлучување на Општина Велес. Што општината ќе одлучи треба да соопшти градоначалникот Марко Колев.

Истражувачки тим на Дума.мк

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.