Амбасадата на Јапонија отвори конкурс за деца, за цртежи и слики, по повод „Денот на децата во Јапонија“
Денот на децата во Јапонија, кој секоја година се прославува на 5-ти мај, е причина што годинава Амбасадата на Јапонија отвори конкурс за цртање и сликање на кој можат да учествуваат сите деца до 12 годишна возраст кои уживаат да творат. Овој натпревар ги поттикнува децата да творат за пријателството помеѓу Македонија и Јапонија, поточно за важноста на „кизуна“ што значи силна и длабока врска со своите „томодачи“ пријатели.
-Сите кои уживаат да творат во техниките цртеж со јаглен, креда, молив, туш или сликарските техники фломастер, акварел, гваш, темпера, акрил, пастел, колаж, асемблаж се добредојдени на конкурсот, а димензиите на творбите не се ограничени. Почитувани родители, инспирирајте ги своите деца да се забавуваат низ ликовната уметност и испратете ни ги нивните творби во jpeg или png формат не поголем од 10 MB на [email protected] до 18ти април. Со секоја творба, Ве молиме споделете го насловот на творбата, името и возраста на авторот, пишува во соопштението на Амбасада на Јапонија.
Жири-комисијата составена од г. Казуја Оцука, Амбасадор на Јапонија, професор Гоце Наневски од Факултет за ликовни уметности – Скопје и професорката Дита Старова Ќерими од Универзитетот „Американ колеџ“- Скопје ќе доделат три награди. Покрај овие награди, амбасадата ќе додели уште една специјална награда за творбата што ќе биде објавена на фејсбук страната на амбасата и којашто ќе добие најмногу лајкови а гласањето за истата награда ќе заврши на 30-ти април.
Инаку, денот на децата (こ ど も の 日, Kodomo no Hi) е јапонски национален празник посветен на изразувањето почит кон личностите на децата и славење на нивната среќа. На овој ден, семејствата летаат змејови наречени коинобори, во форма на риба, крап и оваа форма се користи поради легендата што вели дека крапот што плива спротивно на течението на водата, станува змеј и одлетува кон небото. Начинот на кој овие змејови летаат на ветер, изгледа како да пливаат.
Исто така, црниот крап е за таткото, црвен или розев за мајката и еден крап, кој вообичаено е син или понекогаш зелен и портокалов, има за секое од децата. Понекогаш семејствата прикажуваат и кукла-самурај како јава на голем крап, најчесто ги илустрира јапонските фолклор и херои Кинтаро или Момотаро кои во моментов се изложени во Скопје и можат да се погледнат во Археолошкиот музеј и традиционалниот јапонски воен шлем, кабуто, како класичен симбол на сила и виталност.
Во Јапонија, на овој ден вообичаено се послужувало и „кашива мочи“, поточно лепливи колачи од ориз полнети со џем од црвен грав и завиткани во дабови лисја или „чимаки“ колач составен од леплив сладок ориз завиткан во лист од перуника или бамбус.
Стефани Манева