Една година Киноверзум Велес: Прикажани 124 филмови и реализирани речиси 1000 проекции
Со прикажување на вкупно 124 филмови и реализирање на речиси 1000 проекции, Киноверзум во Велес прослави една година успешна работа. Оваа едногодишна дружба, од велешкото кино велат дека се одразува преку моментите на смеа, емоции, понекоја солза споделени во кино салата и создавање на спомени што остануваат со секој глеч.
– Со секоја нова проекција, Киноверзум Велес пишува нова страница во својата историја со велешани, потврдувајќи дека уметноста и културата се суштински делови на заедницата. Во срцето на сè е визијата на Киноверзум Велес да биде повеќе од обично кино – да биде место каде што културата оживува, каде што сите генерации заедно се радуваат на магијата на филмот, и каде што секој нов филм не е само приказна на платното, туку и приказна за врската што ја споделуваме како љубители на филмот, додаваат од Киноверзум Велес.
Од Киноверзум Велес, за Дума.мк откриваат дека најгледани филмови за 2023 година се „Барби“, „Брзо и бесни 10“ и „Супер Марио“. Исто така, тие додаваат дека во текот на годината биле организирани и специјални проекции за ученици како и прослави на детски родендени.
– Киноверзум Велес годинава не само што ја обогати културната сцена на градот, туку и стана симбол на поврзувањето и споделувањето на уметноста. Овој прекрасен дијалог помеѓу филмот и публиката е исказ на заедничката љубов кон кинематографијата. Преку разноликата понуда на филмови, од светски хитови до детски филмови, Киноверзум Велес успеа да создаде мост помеѓу различните генерации, нудејќи нешто за секој вкус. Исто така, воведувањето на иновативни програми и настани, како што се специјалните проекции за ученици и прослави на детски родендени, ја истакнува нашата посветеност кон локалната заедница. Киноверзум Велес не е само место за гледање филмови – тоа е место каде што луѓето се собираат, слават, учат и инспирираат едни со други, додаваат од велешкото кино.
Нудејќи разновиден репертоар на филмови и специјални настани за својата публика, Киноверзум останува посветен на збогатувањето на културниот живот во Велес и во наредниот период.
-На програмата на Киноверзум Велес во наредниот период ќе бидат прикажани повеќе филмски наслови. Најважно е дека секој четврток носиме нови филмови во Велес. Секој од овие филмови има своја уникатна вредност, а во моментов актуелни се најновиот филм за животната приказна на пејачот Џеј Рамадановски – „Недела“, „Прекрасна венчавка“ – романтична комедија која е одличен избор за љубителите на забавните љубовни приказни, како и „Бедни суштества“ – филмот кој освои бројни награди годинава. За нашата најмлада публика во моментов актуелен е филмот „Духот од Кантервил“ кој е синхронизиран на македонски јазик, пишува Киноверзум во одговорот на новинарското прашање од Дума.мк.
Влезниците за секоја филмска проекција и понатаму ќе чинат по 200 денари. Од Киноверзум Велес додаваат дека има можност за попусти за публиката со Киноверзум клуб картичка, за групи од над 20 лица како и за студенти на Меѓународен Славјански Универзитет.
Публиката, кино програмата на велешкото кино може да ја следи на веб страницата како и на нивните профили на социјалните мрежи.
Инаку, денеска, на 23 јануари, вторник, во 17:30 во велешкото кино ќе се прикажува филмот „Само Не Ти“, потоа во 19:30 „Слуга 2“ и со почеток во 21:30 филмот „Бедни Суштества“.
До крај на месец јануари, годинава, со секоја купена влезница за детски филм, Киноверзум Велес доделува и по една боенка.
Стефани Манева