Книжевна дружба со авторки во книжарница-кафе „Збор“ во Велес
Авторките Оља Петрушевска – Томева и Ана Антовска, вчера, во ново отворената книжарница-кафе „Збор“ имаа книжевна дружба заедно со читателките од Велес. Авторките за време на дружбата ги претставуваа своите книги. Петрушевска – Томева зборуваше за нејзините две книги насловени „Сагата на Рајна“ и „Најслаткиот филџан кафе“, додека Антовска за нејзината книга „Совршениот допир“.
-Зборуваа за процесот на пишување и фидбекот на читателите, а нашите читателите им поставија свои прашања. Имавме прекрасна опуштена атмосфера и пријатна книжевна дискусија. Читателите можеа да си купат книги со посвета од авторките. За оние што не можеа да присуствуваат на книжевната средба, книгите можат да си ги купат во нашата Книжарница-кафе. Во иднина планираме многу книжевни дружења со автори, промоции на книги, средби на читатели и дискусии за книги, хуманитарни средби со читање и продажба на свои дела од многу македонски автори, рече Емилија Златкова Анастасова сопственик на книжарница-кафе „Збор“.
Исто така, Златкова Анастасова додаде дека книжарницата – кафе „Збор“ има за цел да го збогати книжевниот живот во градот Велес со настани од овој тип, продажба на книги од повеќе македонски издавачки куќи во Македонија, но и да понуди можност за уживање во кафе или друг безалкохолен пијалок читајќи книга, или едноставно опкружено од многу книги.
Стефани Манева