Велешани, гледаа филмови на големо платно

Објавено на 13 октомври, 2012 во 21:49

Судбината тешко се менува но, човека доблест е да се стори нешто, да се превземат конците во свои раце и да се направи обид за нештата да се сменат.

Се зависи од личниот порив, од храброста и решителноста да се посегне по „волшебното стапче“ и судбината да се прекрои по своја мерка.

 

Независно од сите возможни и невозможни ситуации во животот вистинската љубов го пронаоѓа патот. Тоа е суштината за која вреди да се живее. Вака би гласела пораката на германскиот режисер Хендрик Хандлектен во филмот „Прозорец кон летото“ премиерно прикажан, во петокот вечерта, во рамките на Неделата на германски филм во Велес. Шеесеттина љубителите на филмот ја проследија проекцијата на оваа животна драма. Претходно,  исто толку граѓани, претежно млади луѓе, беа публика на проекцијата на анимираниот германски филм „Конференција на животните“.

Ревијата на новиот германски филм во Велес заврши со вечер посветена на жанрот комедија. Гледачите, во саботата, имаа можност да ги проследат филмовите „Остров наречен Удо“ и „Машки срца … и голема љубов„.

Филмската недела започна во средата со проекцијата на трагикомедијата „Три-четврт месечина“ . Сите филмови имаа титл на македонски јазик. Филмските проекции, пет на број, се одржуваа во салата на велешки театар. За љубителите на филмот влезот беше бесплатен.

Организатори на ревијата беа Амбасадата на Германија во Република Македонија  и НТ „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ од Велес. По десеттина години, колку што во градот е затворена кино салата, велешани можеа да уживаат во прикажувањето на филмови на големо платно.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.