Наградата „Петре Прличко“ во рацете на актерот Петар Темелковски
Во велешкиот театар, во приквечерината кога Велес ја одбележува 68-та годишнина од ослободувањето, на годинешниот лауреат, актерот Петар Темелковски, му беше врачена наградата за животно дело „Петре Прличко“. Во негова чест актерите на велешки театар Јордан Хаџи Константинов Џинот ја одиграа преставата „Шашардисани времиња“.
„Восхитен сум и радосен, наградата ми значи многу. Ја примам со особена чест и гордост затоа што го носи името на човекот кој заслужува да биде наречен легенда. Тоа е Петре Прличко. Мораме шкрто и љубоморно да го употребуваме и чуваме зборот легенда, за да не го девалвираме,“ рече Темелковски.
Тој е пензиониран актер кој истраја 40 години на сцената, одигра 70-тина главни рољи во театарски престави и четири филмски улоги. Габаритен, грамотен актер кому ни најголемите цунами од кич, шунд и естрада не му можеа ништо. Од неговото мајсторско актерство можат да учат денешните и идни генерации. За сите овие години работа Темелковски не падна во стапицата на искушението за слатка и примамлива брза слава и лесен успех .
Поради ова жири комисијата за доделување на наградата во состав Јордан Витанов, Маја Љутков и Ѕвездана Ангеловска одлучи наградата да му ја додели на Петар Темелковски. Станува збор за награда што во родниот град на Прличко, во Велес, се доделува по седми пат на 9 ноември денот на градот.
Немирниот дух на актерот и професионалец ниту денеска кога може мирно да ужива во пензионерските денови не го оддалечи од сцената и штиците кои значат живот. Темелковски игра во преставата „Јустинијан Први“.
Пред него добитници на наградата „Петре Прличко“ се актерите Благоја Спирковски Џумерко, Емил Рубен, Петар Мирчевски, Благоја Чоревски, Мето Јовановски и Борис Чоревски.
