Во велешкиот Ликовен салон изложба на сулптури на Ангел Димовски Чауш и акварели на Стефан Димовски
Современиот македонски скулптор Ангел Димовски Чауш, достојниот истраен и расен мајстор на своето дело и креативен израз, успешниот, инвентивен и целосно посветен уметник кој ги идентификува своите уметнички пориви,фасцинации и принципи давајки им засебен изведбен белег , нова димензија, простор и пластичен израз излага во Ликовниот салон во Велес. Тој овојпат уметничкиот простор во културното катче на градот го сподели со синот, академскиот сликар Стефан Димовски кој пред почитувачите на ликовната уметност во Велес изложи дел од творештвото, слики во акварел.
Творештвото на скромниот и тивок во животот но силен во уметноста велешанец Ангел Димовски Чауш пред неговите сограѓани во Македонија го престави Дора Андова Фотева. Таа за големиот македонски скулптор рече дека е конкуренција на самиот себе во создавањето и освојувањето на новите нешта, вистински во својата уметност. Со секоја нова провокација и следна фаза на творење Димовски Чауш се надминува себе си. Во неговиот досегашен творечки опус е забележано импресивно и разновидно творештво кое се протега во низа од повеќе од четири децении и истовремено открива дека техниките и медиумите наизменично се менуваат но секогаш останува основната мотивска преокупација како и засебниот уметнички ракопис на авторот.
„Тој внимателно ја анализира, проучува и трансформира мотивската преокупација во нови експресивни престави со засебни вредности. Предава прецизни и јасно детерминирани форми и облици на фигуралните престави кои се прочистени,заоблени, кружни, волуминозни, ритмички извајани во разни модификации на фигуративниот асоцијативен антропоморфизам. Делата од така наречената биолошка генеза со нагласени еротски содржини и пластичен израз како и чистите деформации или пренагласените делови на женските фигури упатуваат на пластичната експресија а преставите на гротескно изведените фигури водат во насока на новата фигурација. Додека неговиот личен и уметнички интегритет може да се поврзе со детерминантата која ја преставува неговата движечка сила и енергија во творењето пред се на неговиот психофизички код и претставува живототворен и непресушен извор кој го моделира неговото сопство и неговото творечко проседе,“ рече историчарот на уметност Андова Фотева.
Долгогодишниот престој на Азурниот брег и Прованса, Франција на академскиот сликар Стефан Димовски му овозможија таму да ги открива тајните на акварелот совладувајки ја акварарелната техника до перфекција. Младиот автор, даровит и љубопитен, низа години со засебна љубов и непресушна енергија го негува акварелот како посебна ликовна дисциплина и создава сопствен израз во творештвото.
„Тоа се творби во кои мотивите се сведени на елементарни претстави, акварели работени со искреност, лесно и чисто, во кои се забележува педантна разработка со лазурно нанесени акварелни бои како и суптилни лавирања и градација на тоналитетот. Сиот овој третман на сите ликовни елементи ја сочинуваат и поврзуваат композицијата во целост. Во основа акварелот го третира во насока на импресионистичкиот пристап и манир. Тематската определба на пејсажи инспирирани од убавините на Азурниот брег и женското тело, преточени во акварели нудат една успешна ликовна приказна исткаена со сегменти од опкружувањето, така што во неговите ликовни творби е читлива една засебна лирска нарација,“ рече Андова Фотева.
Академскиот вајар Ангел Димовски Чаушот е член на ДЛУМ и на француското друштво на ликовни уметници LA MAISON DES ARTISTES. Тој живее и работи како слободен уметник во Македонија и Франција. Досега остварил 13 самостојни и 20 групни изложби во Македонија, Европа и светот. Автор е на бројни споменици и скулптури во Македонија и добитник на бројни награди и признанија.
Академскиот сликар Стефан Димовски реализирал бројни групни изложби на слики и акварели во Сан Рафаел и изложувал во повеќе галерии на југот на Франција и во Македонија. Неговите дела се наоѓаат во повеќе институции и приватни колекции во земјава и странство.
Велешани изложбата на познатите и признати уметници ќе можат да ја видат во наредните седум дена/Д.С