Австралиско – Македонскиот театар од Сиднеј, в петок, гостува во велешки театар
„Борење со мечката“ е насловот на театарската претстава, која во петок на сцената на велешки театар ќе ја прикаже Австралиско – македонскиот театар од Сиднеј. Тоа е театарски проект на аматерска трупа составена од Македонци кои живеат и се бават со глума во Австралија. Претставата е режирана од професионален режисер ,Стефо Нанцу, исто така Македонец.
„Борење со мечката“ е претстава која ги и обработува здравствените предизвици со кои се соочуваат луѓето особено мажите. Нивните тешкотии во комуникацијата, траумата и борбата со тешките болести, прикажана на еден мошне комичен и драматичен пристап. Во претсатата се појавуваат два главни лика кои секој на свој начин се справува со болеста. Едниот со поддршка од своето семејство, а другиот оставен сам на себе.
„Прикажана преку комични и драматични сцени драмата има за цел да поттикне подобра комуникација и разбирање во однос на мажите со канцерогено заболување и улогата која ја игра семејството во раното откривање и лекување на ракот“, рече Ирена Чолакова Вељанова. Таа игра една од улогите во претставата.
Македонскиот театар од Сиднеј синоќа настапи во Драмски театар во Скопје. Многубројната публика и воодушевувањата од претставата ги надминале очекувањата на театарската трупа. Сепак очекувањата од велешката публика се далеку поголеми, вели Чолакова Вељанова.
„Вчера во драмски бевме изненадени позитивно од публиката, имавме одличен прием. Но сепак од велешката публика очекувам повеќе, бидејќи јас сум велешанка по потекло и ја познавам публиката всушност знам дека таа е театарски едуцирана и умее да препознае квалитет. Затоа имам многу трема и тоа искрено го соопштувам, рече Чолакова Вељанова на денешната прес конференција во Велес.
Освен неа во претставата играат и Васко Србиновски, Никола Апостоловски, Валентина Апостоловска, Стефани Степановска, Јаворка Котевска, Самоил Митревски, Владо Сазданов и Мена Ристевска. Автор на драматуршкиот текст е Душан Ристевски а режисер Стево Нанцу. Почетокот на претставата е закажан за 20.30 часот. Влезот е слободен.
Освен во Скопје и во родниот град на Чолакова Вељанова, Велес, драмата „Борење со мечкат“ ќе се прикаже и во уште неколку градови во земјава во организација на Агенцијата за исселеништво на Република Македонија.
Инаку австралиско-македонскиот театар постои од 2008 година. Ова е нејзина шеста продукција. За прв пат во Македонија гостувале во 2011 година со претставата „Господин Балкан“.