Во Кавадарци вечерва свечено отворање на самостојна изложба на македонскиот ликовен уметник Решат Ахмети
Во Галерија на Домот на културата „Иван Мазов – Климе“ во Кавадарци, вечерва, 19 април, во 19:30 часот ќе биде отворена Самостојна изложба на познатиот ликовен уметник Решат Амети од Гостивар.
Авторот е професор по сликарство на Факултет за ликовна уметност при „Државен универзитет во Тетово”. Тој роден е во 1964 година, во Гостивар. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во класата на проф. др Ана Темкова, а постдипломски студии завршил во 2002 година на Факултетот за ликовни уметности во Приштина, во класата на проф. др Реџеп Фери.
Решат Амети е меѓународно признат уметник, носител на Наградата за животно дело за уметност и култура како и многу други награди и признанија од меѓународен и домашен карактер. Неговите уметнички дела се во сопственост на многу музеи, културни институции и приватни колекции на светски познати личности како добитници на Нобелова награда, познати писатели, претседатели на држави итн.
Амети до сега има реализирано над 70 самостојни изложби, претежно во странство,и тоа повеќе пати во Њу Јорк, Галерија ТАИ, МС Галерија, во Париз – Меѓународен центар за уметности, во Нирнберг – Свечена сала на Градско собрание, во Софија – Национална галерија на Бугарија како и во Брисел, во Цирих, во Манхајм, во Берлин, во Грац, во Пекинг, во Загреб, во Истамбул, во Рим и дома во Скопје.
Авторот, исто така, учесник е во над 300 групни изложби, како локални така и меѓународни, на Пекиншкото биенале, на Фестивал на Уметноста во Доха „QIAF 2023”, на уметничкиот фестивал „Арте Бенинген“ во Базел и на други уметнички фестивали.
За Решат Амети и за неговата самостојна изложба, Ана Франговска, историчар на уметност и виш кустос во Националната галерија на Македонија како и предавач на Институтот за историја на уметност и археологија на Филозофски факултет напиша:
„ Еден е од позначајните претставници на македонската ликовна сцена, сликар кој го зацртал своето сигурно место во историјата на уметноста на Македонија, а и пошироко. Неговиот сликарски професионализам се потпира на одичниот спој на наученото и на традиционалното, на сликарските елекемент и на фолклорот, на стекнатото и на проникнатото. Неговиот сликарски јазик е лирската апстракција, која на моменти добива и енформелни карактеристики, но асоцијативноста е онаа која го става во некаков медитерански контекст и го дефинира Амети како сликар од нашите краеви, свој, препознатлив, автентичен. Амети својата креативност ја продлабочува со нурнување во историјата, во народното, во фолклорното, оттаму црпејќи ја изворната, примордијална енергија, од асоцијативните шари, облици, детали, на тој начин допирајќи ја и градејќи ја праформата, праматеријата. Етнодекорациите имаат најчесто симболично-асоцијативно значење сами по себе, кое Амети го користи само како дополнителен естетски аспект што ја надградува, ја чини раскошна, ја јукстапозира препознатливоста во метафизички решаваната апстрактно-замаглена средина. Сето тоа во комбинација со пластицитетот, благата релјефност и текстуралност на делото ја обликуваат композицијата, која е мошне алегориски координирана. Бојата бликнува, таа го носи приматот во визуелната сензација и благодарение на нејзиниот интензитет, питорескност, моќност и симболика се нагласуваат моментот на (авто)референтност и (себе)идентификација.“
Убавка Јаневска