Филмот „До балчак“ ќе се прикажува во Велес
Викендов е резервиран за три проекции на најновиот македонски филм, во старата зграда на велешкиот театар. Во петок, сабота и недела со почеток во 19 часот велешани ќе имаат можност да го изгледаат македонскиот кандидат за Оскар. Филмот трае два часа и четириесет и пет минути, а влезницата ќе чини 100 денари.
Филмот е љубовна приказна помеѓу една млада Британка и Македонец. Патот кон Солун и носи изненадувања и таа заглавува во Македонија, во времето кога турскиот аскер крваво го задушил востанието и народот страда од насилство. Таа ќе се судри со локалниот турски командант и ќе има љубовна афера со студент и со еден војвода. Филмот не враќа во првата декада од дваесетиот век и во него е прикажана суровата реалност низ македонската историја, простор на кој од секогаш се судираат западната и источната цивилизација.
Во филмот се појавуваат имињата на познати актери од земјава и соседтството. Улогите ги толкуваат актерите Мартин Јордановски, Сашко Коцев, Сенко Велинов, Тони Михајловски, Мики Манојловиќ, Никола Којо, Никола Ристановски, Јовица Михајковски, Искра Ветерова, Јордан Симонов, Драган Спасов, Ана Костовска, Гораст Цветковски, Владо Јовановски, Камка Тоциновскии Инти Шрај.
Приказната од Дивиот запад прикажана низ долгометражниот игран филм е во режија на Столе Попов и по сценарио на Горан Стефановски./Д.С