Велешки копаничари изградија и изрезбаа два предмети за црквата „Свети Прохор Пчински“ во Пјаченца
Целивална и певница изработени од дрво и во резба од почетокот на овој месец се дел од инвентарот на македонската православна црква „Свети Прохор Пчински“ во градот Пјаченца во Италија. Нив ги изградија и резбата ја изработија копаничарите од Велес, Љубомир Бисинов – Бисин и Игор Лесковски. Нив им помагаше младиот Филип Спиркоски. Целивалната е висока еден метар и 20 сантиметри, широка е 70 и длабока 55 сантимитри. Певницата има димензии од еден метар и 30 сантиметри во висина, 85 сантиметри во ширина и 55 сантиметри во длабочина. Верниците во Пјаченца имаа можност да ги видат пред четири дена, на 1 ноември, на одбележувањето на денот на православниот храм. Македонци кои живеат и работат во Пјаценца веќе ги постираа предметите на социјалната мрежа Фејсбук.
Денеска градителите во работилницата на копаничарот Бисинов, по неколку дена од испраќањето на целивалната и певницата во Италија, ги затекнавме со длета и токмаците во раце. Бисин и Лесковски работеа на мали копаници наменети за подароци на ним драги луѓе. Така рекоа дека одмараат и ги полнат батериите од напорната работа во која ја вложија творечката енергија изминатиов период.
„Двата предмети што сте ги виделе на фотографиите на Фејсбук ги порача Европската епархија во чиј состав се наоѓа црквата во Пјаченца. Ние ги изработивме во комбинирана техника. Во некои делови на предметите изработивме плитка, на други длабока, поткопана и скулптурална што значи дека употребивме еден микс од повеќе правци на резбата или резбарството. Мислам дека направивме добри производи што ќе ја презентираат нашата макотрпна работа,“ рече Бисин.
Првичните коментари за целивалната и певницата се позитивни но овие градители не ги коментираа. Оставија тоа да го сторат тие на кои им се наменети. Бисин и Лесковски сега ги чека исто така значајна работа. Ги нацртаа скиците за еден мал куќен иконостас па се во очекување на конечната одлука на порачателот. Во неколку дневниот одмор, за кои велат дека е идеален бидејќи и длетата треба да ги наострат, овие копаничари разговараат, разменуваат мислења и идеи што треба да ги преточат во дело на два иконостаси за верски објекти во Македонија./Д.С