Александар Ѓеоргиев, годинешен добитник на актерската награда за животно дело „Петре Прличко“
Тој оваа престижна театарска награда ја добива за педесет годишна работа на сцената на велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“,за над 150 одиграни рољи, за враќањето на професионалниот театар во градот, за првите одиграни претстави на античка драма во Стоби и за придонесот во изградбата на новата театарска зграда во Велес.
Александар Ѓеорѓиев е симбол за исклучително прецизна актерска игра, храбар во изразот, ангажиран и секогаш отворен за соработка. Вака претседателот на жири комисијата за доделување на наградата, режисерот Александар Ивановски почна да го претставува годинешниот лауреат.
„ Тој е театар, сериозен, хируршки прецизен, промислен, елегантно духовит. Неговите ликови уште долго ќе ја бараат својата правда на сцената, посветувајќи ни при тоа нам и на публиката круцијални аспекти од човечката егзистѕенцијалност,“ рече Ивановски.
Скромен и ненаметлив како и секогаш, пензионираниот актер се заблагодари за наградата и рече дека многу му значи бидејќи доаѓа од неговиот град, од неговите колеги и пред се затоа што го носи името на театарскиот великан, на неговиот учител и добар пријател.
„Оваа награда ми е многу драга од две работи, прво затоа што доаѓа од фелата, од колегите, здружението на драмски уметници и од театарот на кој му посветив повеќе од педесет години и второ затоа што го носи името на мојот драг пријател и колега Петре Прличко. Со него сум играл во многу претстави, ми режирал претстави и научив многу од него како актер и како човек. Но и за организацијата на театарот, за односот кон публиката, за доведувањето на публиката во театарската сала, за рекламата за која сметам дека беше вистински мајстор, рече Ѓеорѓиев.
За Ѓоргиев денеска неговите колеги не кажуваа реплики туку факти од пет децениското ангажирање во развојот на театарскиот живот во градот. Најконкретен беше актерот и директор на велешки театар, Јордан Витанов.
„Тој е заслужен за возобновување на професионалниот театар Јордан Хаџи Константинов Џинот. Тој со своето искуство несебично ги бодреше и им даваше поддршка на младите актери. Имавме голема среќа што тогаш, во 1986 година, директор на театарот беше токму Ацо, кој беше упорен и успеа да убеди дел од театарските работници па овој театар благодарение на него повторно стана професионален. Од тогаш до денес се движи во тој правец “, рече Витанов
„Почнаа претставите, пробите и јас се мислев дали навистина му припаѓам на театарот. Благодарение на поддршката на овој човек јас останав во велешки театар. Затоа сум му особено благодарен, нему на Витанов и сите останати колеги,“ рече актерот Едмонд Сотир.
Иако пензиониран Ѓеорѓиев се уште е активен на театарската сцена и публиката и во иднина ќе има можност да се восхитува на неговите суптилни рољи.
Инаку а прв пат наградата за животно дело ја добива актер од велешкиот театар. Наградата ќе му биде доделена на девети ноември, на празникот на градот, како нејзин деветти добитник. Пред Александар Ѓоргиев наградата ја добија актерите: Благоја Спирковски-Џумерко, Емил Рубен, Петар Мирчевски, Благоја Чоревски, Мето Јовановски, Борис Чоревски, Петар Темелковски и Драган Спасов Дац./Д.С