КУД „Керамичар“ ќе одбележи шест децении јубилеј
Шест децении е вистински културен амбасадор на Велес и Македонија, македонскиот фолклор го доближи до луѓето од сите мередијани во над 22 земји ширум светот. Ансамблот „Керамичар“ го одбележува својот јубилеј, шеесет години од своето постоење. Низ децениите во минатото, негувајки го богатото фолклорно наследство,членовите на ансамблот изградија вистински културен бренд со богат репертоар на ора и песни од сите краеви на Македонија.
„Тука се велешките, прилепските, овчеполските, поречките, егејските, пиринските, ората од Источна Македонија и многу други интересни кореографии и сценски изрази на обичаите на македонскиот народ. Сите ние како дел од Керамичар сме горди на сите досегашни настапи, нови пријателства и награди што го потврдуваат високиот уметнички потенцијал на нашиот ансамбл, рече директор на КУД „Керамичар“, Томе Јаневски.
„Керамичар“ досега има освоено голем број признанија меѓу кои најзначајни за нив се наградите од фестивалите во Дижон-Франција, Адапазар –Турција, Фолкстон –Англија. За промоција на фолклорот во земјава и светот годинава ансамблот е добитник на плакетата „9-ти Ноември“ на општина Велес.
„Иако не е лесно да се опстои во вакви услови сепак ние успеавме бидејќи сите кои членуваме во „Керамичар“ го сакаме фолклорот и го носиме во срцата, рече Јаневски.
Шеесет годишниот јубилеј Керамичар ќе го одбележи со два концерти кои ќе се одржат во петок и сабота во спортската сала на основното училиште Блаже Конески со почеток во 18 часот. На овие концерти ќе учествуваат близу 170 поранешни и сегашни членови на ансамблот. Организаторите ветуваат и други изненадувања за љубителите на македонските народни песни и ора./Д.С