Јубилеен концерт за шест децении КУД „Керамичар“ (ФОТО)
Пред своите сограѓани, семејства, гости од странство и соработници со кои настапувале на бројни фестивали низ Македонија, низ Европа и светот, членовите на КУД „Керамичар го одбележаа јубилејот 60 години негување на македонскиот фолклор, оро и песна. Во спортската сала на основното училиште „Блаже Конески“ дојдоа сите играорци од генерациите што од 1987 година до денес биле дел од ансамблот, биле и сеуште се пејачи и членови на оркестарот. На целовечерниот концерт близу 170 играорци ветерани или нешто помлади ги изведоа најпознатите кореографии со кои ги собираа аплаузите на гледачите дома или на фестивалите во странство. Настапија и младите играорци кои штотуку ги научиле чекорите и започнале да ги усовршуваат техниките на традиционалните ора.
Присутни на јубилејниот целовечерен концерт, што се одржа во предвечерјето на седумдесеттиот роденден на Велес, беа и бројни делегации од збратимени градови на Велес. На одбележувањето на јубилејот директорот на ансамблот, Томе Јаневски подели неколку благодарници на истакнати играорци, пејачи, кореографи и луѓе што придонеле за афирмација на друштвото а преку него и на Велес во државата и надвор од неа.