Ретроспективна изложба на патувачкиот изложувач Василие Поповиќ Цицо
Осумдесет и четири дела на карикатуристот, сликарот, театарскиот и филмски сценограф и графички дизајнер Василие Поповиќ Цицо се изложени во Ликовниот салон во Велес. Тие се дел од ретроспективната изложба со 271 експонат, на Националната галерија на Македонија, Музејот на МНТ и Даут пашин амам, кои одбележуваат 100 години од раѓањето на човекот што секако ќе остане запаметен како автор на државниот грб, официјалниот државен симбол, по првиот грб на град Скопје, по корицата на првиот македонски буквар, по бројните илустрации за книги на различни теми од популарни романи и учебници до ангажирана литература.
Печат на неговиот кус творечки живот оставиле неговите карикатури преку кои Цицо ги следел и ги обликувал општествените и политичките промени на локалната скопска сцена или глобалните политички настани. Неговиот елитен дух и оригиналност доминира и во театарската и филмска сценографија па освен за штиците кои значат живот, кога во МНТ се играле „Тартиф“, „Сомнително лице“, „ Женидба“, „Швејк во Втората светска војна“, како особено значаен творечки резултат се вбројува и сценографијата за филмот Мис Стон од 1958 година режирана од Жика Митровиќ.
„Музејот на МНТ, домородната куќа на Василие Поповиќ Цицо и сакаме по урнек на еден ваш велешанец со кого сите се гордеете а се вика Петре Прличко и Цицо да го направиме патувачки изложувач. Значи како што Перица патуваше низ Македонија со својот театар „Боем“ ние со Цицо да ја пропатуваме Македонија. Тој е интегративна личност, знаел се, умеел да прави се од паноа за улица и плакати за првомајски паради од неговото време па до врвни ликовни дела поточно акварели од калибар на Матис, Сезановски и други. Создавал и карикатури кои не можеме да ги изброиме бидејќи како широка душа сите ги подарувал и така го живееше своето сликарство . Само погледнете ги неговите слики, карикатурите на оваа изложба и лесно ќе се уверите дека тоа е тоа,“ рече критичарот Јелена Лужина.
Изложбата на апсолутно интегративниот уметник, сликар, сценограф, костимограф , графичар што преставува синтеза на македонската ликовност беше отворена пред голем број на велешани. Неа љубителите на уметноста ќе можат да ја погледнат во наредните неколку денови во Ликовниот салон.
Ретроспективната изложба на Цицо беше отворена во Даут Пашиниот амам во Скопје. Потоа театарскиот дел имаа можност да го видат прилепчани во рамките на театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“. По Велес изложбата ќе продолжи да патува низ Македонија.