Велешанец го чекори патот на успехот кон Европа
Еден е од ретките млади луѓе во Велес кој својот сон го живее наместо да го сонува. Го живееше доста успешно тука во неговата родна земја, а сега продолжи да го живее и надвор од нејзините граници. Младиот новинар Пеце Ацев безрезервно и се предаде на професијата, па неговата кариера чекори кон врвот. Авторското дело на Ацев, емисијата „Кралеви на успехот“, која се емитуваше на една од македонските национални телевизии, сега втора сезона ќе се емитува на една од најпрестижните телевизии во Загреб, Хрватска. Ацев не сака да открива детали околу трансферот во европскиот медиум, но видно е задоволен од она што успеал својот проект да го протурка на „голема врата“.
„Веќе се знае кој се ќе биде мој гостин во емисијата иако финалната листа се доработува. Можам да соопштам дека ќе има доста интересни ликови како што се еден од главните директори на „ компанијата „Facebook“, потоа на „Google“, луѓе кои што работат за светски брендови, мултинационални корпорации поточно луѓе кои што веќе го обликуваат начинот на кој што живееме денес и мене ми е особена чест што ете одлучиле да застанат пред објективот на мојата емисија и да го раскажат својот пат на успехот,“ рече Ацев.
Дваесет и пет годишниот новинар себеси не се смета за успешен, вели за тоа треба да помине уште долг пат. Но она што го издвојува од другите е неговата луда храброст да го прави она што го сака и на начин на кој мисли дека е најдобаро. Исклучително скромен, по малку луциден, но храбар кога треба, тој ќе каже дека вложениот труд е најважната алка на патот кон успехот.
„Морам да кажам дека последен пат кога добро спиев имав 18 години. Сега после седум години сум сосема нешто друго од тој период. Работев како келнер, организатор на настани, како новинар во локално радио, па во национални телевизии и еве сега нешто ново, еден друг вид на предизвик. Таква личност сум си ставам предизвици пред себе и ќе видиме дали ќе се остварат иако понекогаш нивната реализација делува како да е невозможно да се остварат,“ рече Ацев.
Јазичната бариера нема да претставува пречка на патот кон успехот на младиот велешанец, бидејќи како што вели со труд и тоа се постигнува. Загреб е неговиот омилен град па вели за кратко ќе се прилагоди како на јазикот така и на луѓето. Инаку емисијата „Кралеви на успехот“ и во втората сезона ќе се реализира на англиски јазик исто какои десеттте емисии од првата сезона.
Храброст, одмереност, хуманост. Ова се најважните карактерни црти што го красат овој млад човек. На неговиот пат кон успехот го испративме со ветување дека ќе ја следиме неговата работа. Нам ни останува да му посакаме здравје, креативност и уште поголем успех во новата работна и животна средина./Д.С