Се става завршен слој на покривот на Спомен костурница
Со градежните работи се отстранува стариот материјал од површината на покривот и потоа се нанесува нов слој. Десетина дена работници веќе работат на санирање на покривот. Нанесувањето на новиот слој треба да обезбеди трајна хидроизолација која ќе го спречи прокиснувањето на водата во внатрешноста на споменикот.
„Во овој момент се работи на пескарење на објектот ,а во зависност од временските прилики ќе дојде и до препокривање на костурницата, “ рече ракoводителот на Спомен костурница, Марин Клифов.
Ова е втората фаза од проектот за обнова на овој споменик на култура во градот. Во првата фаза се обновуваа покрупните оштетувања на покривот. Идните градежни активности ќе зависат од временските услови.
„Сметам дека тоа е најдобро решение. Да се препокрие целата костурница и да нема прокиснување. на тој начин трајно се заштитува објектот, “ рече Клифов.
Надлежните предвидуваат обнова и на внатрешноста на објектот. Се планира да се санираат деловите каде протекувала водата и на тој начин трајно да се заштити најголемиот мозаик во Македонија, дело на академскиот сликар Петар Мазев.
Инаку парите за реконструкција на објектот ги обезбеди министерството за култура. Во скоро време тој ќе биде и осветлен, бидејќи конечно е пронајден дефектот на подземниот кабел. Отстранет е и сега фирмата изведувач треба да направи спојка. Таа ќе овозможи електричната енергија да стигне до светилките околу споменикот што подолго време е во темнина.
Спомен костурницата се наоѓа на ридот на влезот во Велес од неговата источна страна./Д.С