Промовирана стихозбирката „Разбој на соништата“ на младата поетеса Јасмина Ѓорѓиева
„Мислата што почнува ќе те одведе таму некаде, да послушаш и прочиташ, да стасаш секаде, започнав и продолжив живот за да раскажам насмевки да подарам, за да не ве растажам,“ напиша младата велешка поетеса Јасминка Ѓорѓиева во предговорот на својата четврта книга „Разбојот на соништата“. Така и почна промоцијата на книгата, синоќа во Ликовниот салон во Велес, во која освен стихови посветени на вечната жедна човечка душа за љубов овој пат авторката ги објави и првите свои прозни текстови.
Рецензентот д-р Јордан Ѓорчев со цел да ја претстави книгата „Разбој на соништата“ пред љубителите на пишаниот збор ќе напише дека е квалитетно поетско обработување на безвременските поетски теми на човековата егзистенција во поезијата на Јасминка Ѓорѓиева.
„Читајќи ја, објективниот читател ќе се соочи со навидум чуден и интензивен изблик на емоции, кои како од време на време да ја контролираат судбината на поетесата. Книгата е осмислена да преку својата концепција направи модернистичко поврзување на формата и содржината со современите животни теми а воедно и вечни и генерациски повторливи,“ напиша д-р Ѓорчев.
Промоцијата ја организираше Локалната библиотека „Гоце Делчев“ институцијата која како главен стожер на културата во Велес има цел да им помогне на велешките автори и да помогне нивните дела да се промовираат пред македонската публика.
„Издавачката и творечка култура на велешани во последно време е доста збогатена. Јасмина Ѓорѓиева е млад автор кој во последно време е доста плоден. По долгогодишната творечка пауза таа лани се појави со една и еве годинава со втора збирка. Нејзиното творештво, според квалитетот и структурата, се издвојува затоа мислиме дека нејзината поезија е вредна и велешани треба да ја чујат поточно да ја прочитаат,“ рече директорот на библиотеката Игор Крајчев.
Токму пред една година, во истиот простор, авторката Ѓорѓиева ја промовираше стихозбирката „Дијалог со срцето“. Годинава во Ликовниот салон пред голем број на љубители на пишаниот збор се случи промоцијата на нејзината четврта книга „Разбојот на соништата“.
„Љубовта ми е инспирација и во оваа книга, само што во оваа стихозбирка објавив и проза, нешто поделено или нешто за чија суштина да ја разбереш на пример во средината на книгата треба да го прочиташ почетокот или крајот на прозата па тогаш ќе ја сватиш и суштината на книгата,“ рече Ѓорѓиева.
Таа на своите читатели им порача да ја почитуваат и да ја подаруваат љубовта затоа што само така можат да бидат љубени. Младата поетеса најави дека веќе вгодина на своите читатели ќе им подари ново прозно дело.
Издавањето на книгата„Разбој на соништата“ на Јасминка Ѓорѓиева ја помогна министерството за култура./Д.С