Битолски театар го одигра „Отело“ пред велешката публика
За прв пат на сцената на велешки театар врнеше дожд. Оваа сцена беше дел од претставата „Отело“ на битолски театар на гостувањето во новиот театарски објект во Велес. Глетката ја воодушеви публиката која во еден здив ја проследи претставата на гостите во рамките на манифестацијата „Велес, град на култура“. Битолските актери прикажаа современа претстава на „Отело“ од Шекспир што наликува на словенечко германски театар, режирана од словенечкиот режисер Диего Де Бреа кој ги избра уште светлосниот дизајн и музика.
„ За мене Шекспир е вечна инспирација. Овој Отело за мене е петнаесетти Шекспир. Задоволни сме од она што го постигнавме и мислам дека имаме атрактивна претстава со улоги на моите помлади колеги на кои навистина им завидувам поради убавината и начинот на работа со што го постигнаа тоа. Изведбата на претставата во новата зграда на велешки театар ме воодушеви. Функционалноста на објектот е извонредна и на моите колеги им посакувам убави претстави, сега тие ги имаат сите услови за да бидат дел од светскиот театар,“ рече актерот Петар Горко.
Освен Горко, Катерина Аневска, Борче Ѓаковски, Иван Јерчиќ, Никола Пројчевски, Валентина Грамосли, Илина Чоревска во претставата настапува и актерот Марјан Ѓоргиевски.
„Јас за првпат играм негативец. Како помлад актер досега имам триесет премиери и секогаш сум играл улоги на романтични души, на емотивци. Оваа улога за мене беше предизвик поради трансформацијата и мислам дека тоа злото во мене некако излезе, како некакво празнење на сцената,“ рече Ѓоргиевски.
„Отело“ е на редовниот репертоар на битолски театар иако премиерно претставата беше прикажана лани, во јуни. Освен на Охридско лето актерите очекуваат дека со оваа претстава ќе настапат на повеќе фестивали. Сега, во битолски театар, се подготвува претставата „Антонио Клеопатра“ од Вилјам Шекспир со познатиот американскиот режисер Џон Блондел со кого театарот соработува подолго време, уште од подготовката на претставата „Хенри VI“. /У.Ј