Атанас Крлевски со две награди, едната за најоргинален афоризам на конкурсот во Мркоњиќ во Босна и Херцеговина
„Граматички постои перач на пари. Во пракса постои само множина – перачи“ е афоризмот на велешанецот Атанас Крлевски одбран за најоргинален афоризам на 23 Меѓународен конкурс на хумор и сатира „Златна насмевка“ што се организира по повод 1-ви април – денот на шегата во Мркоњиќ град во Босна и Херцеговина. Крлевски за освоеното прво место на меѓународно ниво посебно се радува и вели дека му претставува едно признание повеќе за она што го работи.
-Добив награда, прво место, на конкурс надвор од нашата земја, поточно во Босна и Херцеговина, затоа па наградата ја сфаќам и како признание за македонската сатира. За оригиналноста би рекол дека наградата е одговор на хиперпродукцијата на афоризми на Балканот каде поради тоа се јавува повторување на идеи во афористиката и постои опасност од „личење“ на афоризмите еден на друг на било која тема тема, додаде Крлевски.
Исто така, велешкиот афористичар деновиве доби уште една награда, поточно, трето место на конкурсот распишан од ЗГ „Афористичка репрезентација на Македонија“ , на тема тема маж – жена, љубов и љубомора.
-Наградата од АФКО 24 исто ми е драга, поради темата љубов и посебно за континуитетот на Манифестацијата, иако не доби средства од Министерството за култура, а парите за било која културна манифестација се одлучувачки да истата се одржи. Токму затоа изразувам јавна благодарност на организаторот на АФКО 24 за ентузијазмот и желбата да се одржи и утре ќе претстои убава дружба на афористичарите во Кочани, додаде Крлевски.
Тој секој петок на различна тема испраќа и издумани крлевизми за читателите на Дума.мк кои редовно се објавуваат. Денеска, Ви ги претставува афоризмите на тема љубов со коишто ја доби и наградата во Македонија.
- Љубовта е самица за двајца.
- Ладна е како книга, ама не ја прочитав пред бракот.
- Женската љубомора е наследна и кај машките потомци.
- Љубовта е болест со нејасни симптоми.
- Имам швалерка, ама таа не знае за тоа. Знае чаршијата.
- Љубовта почнува кога ќе ја изгубиш главата, а завршува… кога ќе си ја најдеш!
- Бумеранг љубов – љубовта на самобендисаните.
- Сопругата е најмалку посакувана љубовница.
- Терсене љубовник: сака и кога не е сакан!
- За љубов никогаш не е доцна. Кој пробал – знае!
Стефани Манева