(фото) Единствениот велешки хаику поет Атанас Крлевски ја промовираше својата трета хаику поезија „Мигум“
Повеќе од 60 хаику песни содржи новата хаику поезија насловена „Мигум“ на велешанецот Атанас Крлевски, којшто е единствен во нашиот град но и меѓу малкуте хаику поети во Македонија. Пред многубројната публика во медијатеката на велешката библиотека, рецезентката на поезијата, проф. д-р Елизабета Бандиловска, рече дека оваа поетска книга претставува ново духовно произнесување на мислата што го замеѓува својот простор во богатата македонска книжевна ризница.
– Крлевски е сестран творец кој многу умешно, метафорично, на моменти таинствено, некогаш отворено и објективно, неуморно го слика светот преку своите афоризми, хаику-стихови, уметнички фотографии, градејќи го својот уникатен стил на поглед во физичката и духовната реалност на светот во кој живееме, но и на светот во самите нас. Песните во книгата „Мигум“ привлекуваат со својата едноставност, длабоко спознание и метафорично пренесување на пораката. Настанати миговно, во еден здив на помисла, како записи на душата, мисли преточени во стихови во мигот на создавањето при допир, поглед, спомен, трепет. Откривање и разголување што се случува додека трепнеш, брзо, вдахновено, стреловито. Со порака што жари и се разлева низ мислите на примачот како трага од симболи што самата се открива, се декодира при првиот допир со свеста, додаде Бандиловска.
Долгогодишните пријатели и поддржувачи на Крлевски, професорката Светлана Ќулумова и претседателката на клубот на писатели „Кочо Рацин“ Лили Арсова, пријатели афористичари од Струмица и Куманово коишто беа дел од публиката, се приклучија и ги спомнаа сите успеси коишто Крлевски ги постигнува низ годините.
Вистинско изненадување на вечерта беше и професорката Луи И од Кина, којашто сподели дека хаику поезијата иако претставува јапонска поетска форма, многу често се користи во Кина и во знак на благодарност испеа песна на кинески јазик.
Крлевски е културен амбасадор на Велес но и голем поддржувач на своите колеги коишто творат, тоа ја покажува неговата големина во она што го работи и создава. Тој пред присутните искрено се заблагодари за нивното присуството, споделените мислења и напомена дека хаику поезијата е потешка за пишување за разлика од афоризмите.
-Оваа трета хаику поезија „Мигум“ ја пишував скоро една година. Морам да напоменам дека претходната беше за деца, а сега оваа е поезија за возрасни. Хаикуто на прв поглед изгледа тешко за разбирање, сложено, но тоа се всушност моменти во природата коишто ги опишуваш во три стиха со вкупно 17 слога. Прочитајте ја „Мигум“ и уживајте, додаде Крлевски.
Хаикуто се поврзува со хаигата, затоа Крлевски од присутните побара со громогласен аплауз да го поздрават Бубе Дуков којшто е заслужен што секоја хаику песна од третата поезија говори и преку слика. Покрај сите прекрасни цртежи, Бубе имаше уште едно изненадување за поетот, поточно негов портрет што предизвика посебна радост кај Крлевски.
Пред присутните свое обраќање имаше и директорката на библиотеката Снежана Бошевска. Хаику песни читаше Јасмина Ѓорѓиева а настанот со три музички точки го збогатија Ана Пренџова и Љубе Лазов.
Стефани Манева