Superhiks, Foltin, The Hounds и Blue Sky на велешки Easter Festival!
Организаторите најавуваат рок забава до разденување.
Со звучни имиња и квалитетна рок свирка до рано наутро организаторите на вториот по ред Veles Easter Festival ќе се обидат да привлечат што е можно повеќе посетители. На фестивалот кој ќе се одржи во спортската сала Гемиџии на 3 – ти мај големиот христијански празник Велики Петок ќе настапуваат звучни имиња на бендови кои се веќе истакнати во својата работа. Како пред група ќе свири велешкиот бенд Blue Sky, а по него на сцената ќе се појават и The Hounds, Foltin и на крај Superhiks.
„Superhiks се број еден не само тука и на Балканот па и подалеку. Тие се предгрупа на Green Day на концертот кој во мај ќе го одржат во Белград и тоа е доволен показател. Исто така тие веќе имаа концерт во ноември и беше распродаден веднаш што е во последно време невозможно и за тоа мислам дека оваа група ќе ги наследи големите музички имиња од земјава. Уште по завршувањето на ланскиот фестивал веднаш знаевме дека сакаме тие да бидат следни и за тоа немавме никакво размислување. За Foltin имаше разни најави, но сепак се одлучивме за нив, а за следната година ќе ги оставиме другите.“, рече Зоран Јаневски, организатор на фестивалот.
Од таму истакнаа дека буџетот за организација е шест и пол илјади евра. Велат дека се финансираат од спонзори, а општината ги помага со простор и обезбедување. Сепак се надеваат дека овој фестивал ќе стане препознатлив за Велес исто како што се Пиво фест за Прилеп или карневалот за Струмица.
„На првиот фестивал се обидовме да сервираме музика квалитетна за гостите и за јавноста. Лани имавме проблем бидејќи мораше да се истакнеме и да прикажеме што всушност правиме. Потрошивме многу време и енергија за да им покажеме да велешани што всушност ќе биде ова и дека не е престава за да се седи и гледа театар. Ова година ни е полесно бидејќи веќе знаат за што се работи за каков фестивал и што тој нуди. Нека биде ова апел за сите кои сакаат да помогнат со идеи за да има голема посетеност и да се зборува на далеку за него, бидејќи ние не гледаме бизнис во ова“, рече Благој Пашовски, организатор на фестивалот.
Инаку влезниците за фестивалот се веќе пуштени во продажба и чинат 200 денари, а на самиот ден тие ќе се продаваат по 300 денари. Ги има во продавниците на ОНЕ, Југотон, Офис плус, на касата во салата, а можат да се купат и преку интернет на www.mktickets.mk./Б.Н.