Отворена портретна изложба на Ѓорѓи Зографски во Народен музеј Велес
![](https://duma.mk/wp-content/uploads/2023/12/DSC_0784.jpg)
Девет портрети од последниот зограф и профан сликар Ѓорѓи Зографски, денеска беа изложени во просториите на Народен музеј во Велес. Портретите се во приватна сопственост на членовите на семејството на Зографски а дел од нив се и во сопственост на црквите. На денешната изложба присутна беше и неговата снаа Панда Зографска која отстапи три портрети од нејзината приватна колекција.
-Голема благодарност до Општина Велес, градоначалникот и Народниот музеј за укажаната почит кон Ѓорѓи Зографски и неговите дела. Тој остави дела и спомени во сите семејства кои се негови наследници, неговиот лик и неговото дело ќе продолжат да живеат во генерациите што следат, рече Зографска.
![](https://duma.mk/wp-content/uploads/2023/12/DSC_0791.jpg)
Во наредните 30 дена, сите заинтересирани граѓани може да го посетат музејот и да ја разгледаат изложбата на Зографски, поточно портретите на Димче Левков, Димитрија Аџи Манче, Димко Чокал, Михаил Чекрдаков како и на други познати личности, видни еснафи во занаетчиството и трговијата.
Изложбата насловена „Портретното сликарство на Горѓи Зографски“ беше реализирана по повод 78 години од смртта на зографот. Настанот беше збогатен со изведба на виолинистиката Камелија Дукова Зефиќ.
Стефани Манева
![](https://duma.mk/wp-content/uploads/2021/05/SEMM.jpg)