Питиќова највозрасна и Димов најмлад читател додека Давчевски и Ивановска со најмногу прочитани книги во ЛБ„Гоце Делчев“ Велес (фото)
Одбележувањето на роденденот на патронот, Гоце Делчев, секоја година за велешката локалната библиотека претставува повод да ги избере и награди најлојалните корисници на услугите кои што ги врши за граѓаните а тоа се избор на највозрасен читател, најмлад читател како и читатели од двата оддели со најголем број на прочитани книги. Библиотеката, исто така, им изразува благодарност и на донатори.
Традиционалните признанија – пофалници , годинава, на 4 февруари, по повод 151 години од раѓањето на Гоце Делчев, во одделот за возрасни ги добија највозрасната читателка, велешанката Марија Питиќова како и Ацо Давчевски, наш сограѓанин, кои што има прочитано најголем број на книги.
Пофалниците во одделот за деца завршија во рацете на Петар Димов за најмлад читател и во рацете на Искра Ивановска која што има прочитано најмногу книги.
Сопругата на пратеникот Игор Здравковски, Оливера, за плаќање на членарина на сите ново запишани ученици во септември, минатата година, ја доби посебна благодарница од локалната библиотека „Гоце Делчев“ во име на целото семејство.
Исто така за најчитатели во подрачната библиотека во Градско беа прогласени и пофалници добија Љубица Велинова во одделот за возрасни и за најчитател во одделот за деца, Марија Будимова.
-Се што содржеше нашата програма на денот на одбележување на роденденот на патронот има за цел да поттикне што поголем број на сограѓани да ги користат услугите на библиотеката. Распишавме литературен и фото конкурс и на најуспешните творци им доделивме награди. Се заблагодаривме и на граѓаните кои донирале книги во поголем број а ние не сме ги имале. Посебна благодарница доделивме и на семејството Здравковски, рече директорката Снежана Бошевска.
Таа и вработените во библиотеката се особено задоволни што во минатата 2022 година во споредба со претходната бројот на читатели и корисници на услугите на институцијата е зголемен за нови 500 корисници.
Во свечената програма музицираа м-р Трајче Малинов на кавал и м-р Илија Настовски на пијано додека драматизацијата на расказот „Табакерата“ од Ѓорги Абаџиев ја изведоа учениците од ООУ „Св.Кирил и Методиј“ под менторство на Билјана Коџабашиева.
Убавка Јаневска