Зголемен бројот на болни лица кои ке гласаат во сабота
Дел од членовите на ДИК се посомневаа во лекарските уверенија за болни и изнемоштени лица. Во некои општини над 100 лица добиле вакви уверенија.
Иако се уште не се знае колкав број од пријавите ќе бидат прифатени, за дел од членовите на Државната изборна комисија, бројките на болни и немоќни лица, особено во помалите општини, кои побарале да гласаат од дома, треба да се проверат. На пример, Македонски Брод има над 100 пријавени болни и изнемоштени лица, Демир Хисар над 200, а општина Кисела Вода само девет, јави Телма.
Во некои општини дури еден лекар за еден ден издал повеќе десетици уверенија. Во Ресен се издадени 178 уверенија, а еден ист лекар во еден ден издал 78, вели Виолета Дума, член на Комисијата.
– Моите сознанија се дека нема ниту дијагноза, ниту печат на убверенијата, рече Дума.
Членовите Бедредин Ибраими и Дума побараа ДИК да изврши увид во списоците на општинските комисии кои се надлежни за овие лица, додека дел од членовите на ДИК побараа тоа да се изврши по изборите за да не се попречува изборниот процес.
-Ние не сме лекари па да ги проверуваме дијагнозите, рече Влатко Сајкоски.
-Треба да се почека да се види колку од овие пријави ќе бидат одобрени па потоа ако има потреба да се реагира, додаде Сашо Срцев.
Според новото упатство на ДИК, опфатот на болни и немоќни лица, донесено во февруари оваа година, е намален. Ден пред изборите ќе гласаат само лицата кои се неподвижни и не можат сами да се хранат и имаат документ за потреба од користење нега од трето лице.