Белевски: СДСМ единствена, со збиени редови, со голема енергија и мотивација тргнува во победа
По осум години силување на демократијата и осиромашување на граѓаните, крадење, апсење, изживување, понижување, доаѓа време кога граѓаните ќе решат да стават крај на вртоглавото назадување и уништување на државата и нашата иднина, рекоа денеска Социјалдемократите во Велес. Тие очекуваат дека по пет години празнотија и безличност на институцијата претседател на Македонија, граѓаните ќе стават крај на полтронското шефување со државата и Македонија ќе го добие тоа што го заслужува.
„ Ќе добие власт предводена од СДСМ и вистински претседател, ќе го добие Стево Пендаровски – човек со државнички манири. Нашата одлука за свој кандидат за претседател на Република Македониja да биде избран господинот Стево Пендаровски, беше само првиот чекор со кој се навести новата и сосема поинаква политика, која несомнено е неопходна за државата и го носи приматот на граѓанска и обединувачка. Стево Пендаровски е човек со став, човек со достоинство, човек со личен, професионален и морален интегритет и кредибилитет. Тој е човек кој ужива углед и дома, во нашата земја, но и во светот. Тој е човек кој ќе ги преставува интересите на сите граѓани на Македонија без разлика на нивната верска, национална, политичка и друга припадност. Затоа на овие претседателски избори доаѓа време кога Македонија ќе избере личност за претседател, а не послушник на власта, ,“ рече портпаролот на СДСМ Иван Белевски.
СДСМ им се обраќа на граѓаните и бара поддршка за нивниот кандидат за претседател на изборите во недела. Партијата им порача на велешани да го надминат стравот бидејки само граѓанинот позади параванот знае за кого го дава сопствениот глас, никој друг не може да знае за кого тој ќе гласа и затоа чинот е светост,граѓанска обврска врз која никој не може да влијае.
„ Стево Пендаровски е човек од народот. Мудар човек. Во важни моменти за државата учествуваше во донесувањето на најтешките одлуки што го вратија мирот, безбедноста и просперитетот на Македонија. Да гласаме за бројот 3, да гласаме за Стево Пендаровски. Затоа што Македонија заслужува Претседател“, рече Белевски. /Д.С