Доктор Џавид Фејзули: Порано не се дискутираше дали да се прими вакцина или не
За време на епидемијата со големи сипаници – вариола вера, во поранешна Југославија за месец и половина се вакцинираше 18, 5 милиони народ. Тогаш немаше сакаш – не сакаш, вели во интервјуто за „Вистиномер“, пензионираниот раководител на службата за општа хигиена и здравствена екологија при Центарот за јавно здравје Тетово, доктор Џавид Фејзули. Ние имаме Закон за заштита на населението од заразни болести коишто ја загрозуваат целата популација. Така што, не може некој да вели јас сум господар на своето тело! Да, ама ако си опасен за мене и за другите околу, не можеш да правиш што сакаш, туку мора да почитуваш правила, нагласува доктор Фејзули. Тој во разговорот за „Вистиномер“ објаснува како течел процесот на имунизација против вариола вера во седумдесетите години на минатиот век, говори и за појавата на голем број антиваксери и какво влијание имаат тие врз широките народни маси
Пишува: Зоран Димовски
Како гледате на пандемијата со ковид-19 како доктор во пензија, кој своевремено искусил и други пандемии и учествувал во процесот на имунизација?
Микросветот е кај нас, во нас и околу нас. Вирусите и бактериите не можат да се уништат. Пандемии и епидемии, особено епидемии, имало во минатото и најверојатно ќе ги има и во иднина. Тоа е едно взаемно содејство меѓу луѓето, микросветот и бактериите, и едните и другите сакаат да преживат, а за да преживеат сакаат да се населат некаде. А, во случајот вирусиите и бактериите преживуваат, ако се најдат во макрорганизам и во неговите клетки, инаку сами по себе тие се неживи супстанци, кои можат да преживат само ако влезат во клетка.Конкретно, можам да ја посочам вариола вера. Јас бев еден од тие коишто вакциниравме луѓе. Тоа беше со грепкање и мачкање со течност и доста брзо ја снема оваа болест. Инаку, беше со висока смртност и на просторите на Југославија беше донесена од нашинци кои биле во Иран, па во Мека и дојдени во Југославија. Јас сум убеден дека сега за ковид-19 полека ќе се постигне тој колективен имунитет, а тоа значи дека повеќето ќе се стекнат со антитела.
Што е разликата на оваа со другите епидемии, и во однос на болеста од медицински аспект, но и од односот на луѓето кон оваа и претходните епидемии, како гледате на сето тоа?
За жал разликата е што во последно време довербата во медицината како наука ја намалија токму одредени лекари и народот започна да се сомнева во одредени медицински постапки. Порано се верувало, кога ќе каже доктор и тоа е. Но, се појавија лекари кои се посомневаа во самата пандемија, дали навистина постои вирус, дали е тоа некој заговор. За жал и тоа доведе до недоверие кај општата популација, којашто за волја на вистината не знае што е вирус и што значат одбранбени сили во организмот, или таа цела имунологија. Зошто за да постоиме како живи суштества не диригира неурогената система, ендрокринолошката и имунилошката система на човекот. Овие три системи не прават да сме живи.Тоа е комплициран систем што и медицината не го дорасчистила.
Дали имате чуство, дека иако сме 2021 година , сепак има сè повеќе луѓе кои кон оваа болест гледаат со скепса, но и кон самата имунизација и покрај тоа што постојат докази и статистики кои велат дека вакцината помага во спречување и ширење на разни зарази?
Да, за жал, така е. Вакцинацијата како метода одигра огромна улога. Со вакцинација ние спречивме детска парализа, дифтериија, тетанус, заушки, доста заразни болести кои напаѓале и од кои се умирало. Но, еве ги немаме тие болести и тоа значи дека вакцинацијата како медицинска метода е за поздравување и целта е да спречи болест или да ја ублажи. Ама, сега оваа работа е испревртена и од одредени лекари. Ќе се најдат лекари, не знам како, но моја претпоставка е поради одредени интереси, ќе покренат прашање што не е докажано и ќе го форсираат во јавноста.
Земете пример со аутистичниот спектар, цел свет се дигна на нозе дека поради одредена вакцина се појавува аутизам кај децата, а тоа го пласираат колеги лекари. Сега одредени американски статистики, велат дека на секои 50 породувања има по едно аутистично дете, ама не е од вакцината и тоа официјално се докажа.
Така што, сега ако некој лекар каже нешто, широката маса се приврзува кон тоа што го кажал и затоа се појавуваат антиваксери.
Како гледате на процесот на имунизација спроведен од надлежните тука во Република Северна Македонија?
И Македонија се раководеше од перпораките на СЗО. Не знам што повеќе државата може да спроведе во ваков демократски амбиент. Мене ако ме прашате, јас сум за драстични мерки, јас сум за такви мерки и нема тука шала. Така се спроведе вакцинацијата за вариола вера. За време на епидемијата на вариола вера во поранешна Југославија за месец и половина се вакцинираше 18, 5 милиони народ . Тогаш немаше сакаш – не сакаш, оти веднаш да ви кажам и пред оваа пандемија (ковид-19 н.з.) ние имаме Закон за заштита на населението од заразни болести коишто го загрозуваат целото население. Врз основа на тој Закон има правилници со кој се хоспитализираат одредени пациенти и тоа задолжително. И, тој закон е постоечки, така што не може некој да вели јас сум господар на своето тело! Да, ама ако си опасен за мене и за другите околу, не можеш ти да правиш што сакаш, туку мора да почитуваш правила.
Но, на крајот на денот, главно добро се спроведува имунизацијата. Ние сме мала држава и моравме од надвор да слушаме што ни се кажува, малку задоцни и доаѓањето на вакцини, но тоа не зависеше само од нас.
Колку антиваксерите имаат влијание на останата популација?
Апсолутно голема, оти во анитиваксерството се вмешани стручњаци од медицината. Некои доктори дури велат со коприви се лечи ковид-19! Има доста лекари кои не сакаат да се вакцинираат, значи не веруваат во вакцини. И народот дискутира за оваа тема, навлегува во дискусија која не ја познава, што е многу лошо, па на основа на тоа се градат ставови.
Како се спроведуваше процесот на имунизација во седумтесетите години против вариола вера?
Таа вакцина беше ставена во редовните вакцини и се вакцинираше без да се дискутира, или пак, да се поставува некое прашање. Се даваше една доза, им се кажуваше на родителите кои ги вакцинираа децата, ако детето има некои симптоми дадете му „Андол“ и се оставаше белег на рамото.Тогаш бев општ лекар. Во тоа време бев во централната амбуланта во Вратница и две истурени единици во селата Одри и Рогачево. По еднаш неделно одев и одржавав седум села, и превентива и куратива, и се лечевме и немавме дете невакцинирано. Тогаш ги вакциниравме децата, оти за возрасните заврши масовната вакцинација и после се воведе како редовна оваа вакцина за децата. Јас не паметам да имало смртни случаи од некоја вакцина, а од самите болести имаше доста смртни случаи. И незгодна, тешка беше болеста, вариола вера оставаше како плускавци и тие беа полни со вода. Па, оние кои ја прележуваа имаа како флеки на лицето, знам и еден колега кој ја прележа болеста и имаше такви флеки.
Дали може да направите споредба на имунизацијата тогаш и сега?
Би требало свеста кај луѓето сега да е повисока, но за жал тогаш повеќе се веруваше на медицината, отколку сега. Јас тука гледам проблем што медицинскиот кадар е слаб, не е доволно едуциран, со ислучоци се разбира. Медицината е многу деградирана и жалам за тоа. Таа е хумана наука, којашто сака да им помогне на луѓето. Но, сега кај нас сè е поврзано со корупција и практично многу е жално како доктор да чекате нешто материјално од некој болен, тоа е рамно на патологија.
Според вас, на што се должи мутираноста на вирусот, дали поради недоволниот број вакцинирани, или се работи на нешто сосема друго?
Мутациите се нормална појава. Не мутира еден вирус во друг, туку тој е тој истиот, модифициран. Со ковид-19, проблемот е во спајк протеинот, шпицест протеин кој открил врата кај нашите клетки за да влезе. Кога ќе влезе, тој веќе не е мртов вирус, тој се размножува. Тие мутации се вообичаени. Сега имаме генетски модифицирани вакцини, тоа е посебен начин на вакцина, „Фајзер“, на пример. Вакцината подразбира да ставите во моето тело антиген, за да мојот организам прави антитела, но кај „Фајзер“ не е така. Кај „Фајзер“ се става шифра за спајк протеин и таа шифра кога ќе се уфрли кај нас влегува во фабриката на нашите клетки за продукција на протеини и тука го произведува својот антиген, ние сами го правиме анитгенот.
Како гледате на оваа зараза и од што зависи нејзиното спречување?
Јас мислам дека полека ќе спласнува, но имам една критика до одредени медиуми дека претеруваат со ширењето на паника, затоа што и од други болести има смртни случаи. Малку повеќе се популаризира смртта предизвикана од ковид-19, луѓето се уплашија, а сега се и збунети, дали да се вакцинираат или не. Така што, на луѓето треба да има се дава посмирувачки тон. Тоа е вирусно заболување, може да помине со полесни симптоми, но сепак кај одреден слаб организам со послаб имуниет, може да предизвика тешки болести и смрт. Затоа апсолутно треба да се вакцинираме, ако сакаме да се заштитиме и тука нема дискусија. Значи пак ќе повторам, да има смирувачки тон кон луѓето, да не се плашат од вакцина, оти некои зли јазици кажуваат дека преку вакцината ќе се чипираме. Какви чипови?! Вакцината не влегува во јадрото на нашите клетки кај што е генерал штабот на нашиот организам, таа оди во машинеријата во цитоплазмата на клетките. Така што, тие шпекулации немаат никаква основа.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар