Ќе се врати ли повторно теовскиот грав!?
Гравот произведен од жителите на велешкото село Теово како и од останатите населени места од реонот Азот, беше еден од најбараните на Градскиот пазар. Но веќе неколку години наназад тој не се произведува и го нема на пазарот. Жителите на Теово велат дека причината за тоа е масовното иселување на граѓаните па нема кој да го работи. Од друга страна пак, гравот не се сади повеќе затоа што реката Бабуна често ги поплавува нивите кога ќе надојде од пролетните дождови и топењето на снегот.
„Навистина голема штета што повеќе не се произведува гравот кој беше надалеку познат по својот квалитет. Но нема кој да го работи, бидејќи во селото останаа претежно стари луѓе додека младите си заминаа. Пред некој ден во посета дојде заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и му кажавме за проблемот со нивите кои напролет реката Бабуна ги поплавува и затоа не можеме да садиме грав. Сега останува да видиме дали ќе се преземат мерки за чистење на речното корито“, рече Ѕвонко Велковски.
Ако се исчисти речното корито, жителите на Теово ќе можат повторно да го вратат гравот на своите ниви и да заработуваат од него. Тие велат дека ако не сите, барем дел од нив ќе почнат повторно да го произведуваат надалеку прочуениот грав.
Во минатото кога имаше живот во селата на Азот, немаше куќа што не произведуваше грав. Годишно на пазарите во Велес, Скопје и други градови од земјава се продаваа по десетина до дваесет тони квалитетен грав од овој крај./Д.С