Теовчани апелираат за помош на соседот Марјан: Има ли човек, институција, држава кои можат да му го спасат животот на овој сиромашен човек ?!
По лекувањето од тешка депресија, на нервното одделение во велешката болница, теовчанецот Марјан Јанковски е повторно вратен во трошната куќарка во селото. На педесет и шест годишниот маж малку му е подобрена здравствената состојба но, тоа не е доболно за да се грижи сам за себе и за домот. Соседите го надгледуваат и му ја носат храната што ја добива од државната социјална кујна. Тие исто така се обидуваат да контролираат дали Марјан редовно јаде, ги зема ли препишаните таблети, дали му гори огнот во домот. Теовчанецот Тони е еден од нив. Тој деновиве повторно побара помош за Марјан велејќи дека неговиот сосед не смее повторно да остане сам во домот затоа што ке му се влоши состојбата. Тоа што во секој момент куќата може да му се урне врз глава е дополнителен проблем.
„Ве молиме повторно да го актуелизирате случајот на нашиот сосед можеби некој навистина ќе се обиде да му помогне. Лекарите во болницата добро го лекуваа ама штом тој се врати дома се пропаѓа во вода. Дајте да алармираме да го сместиме во некоја психијатриска болница од рангот на Негорци каде Марјан ќе може подолго време да остане. Тоа ќе го спаси од состојбава во која човекот западна,“ рече Тони.
Јанковски е поранешен стечаец од велешка Порцеланка. Тој не е женет и нема деца. Долги години и пркосел на беспарицата. Се борел сам откако за него интерес не покажале родениот брат и сестра. Сега на Јанковски државата секој месец му исплаќа социјална помош од 1.200 денари и за нега во висина од 4.200 денари. Него се нафатила да го надгледува една внука која ги зема паричните помошти и таа треба да го смести во психијатриска болница, рекоа денеска од Центарот за социјални работи во Велес. Од таму, исто така, соопштија дека лекарот што го лекувал Јанковски во велешката болница се обидел да го смести на Геријатрија во Скопје но не успеал исто како и при обездедувањето на место во четирите специјализирани психијатриски болници во државата.
Сега соседите на Јанковски веќе не се сомневаат туку тврдат дека неговата здравствена состојба повторно ќе се влоши, тој ќе изнемошти и така работите ќе се повторуваат се додека педесет и шест годишниот човек не почине. Тие бараат институционална помош, од државата, која мора да покаже грижа кога тоа сам за себе не може да го стори граѓанинот. Во исто време апелираат за помош од добронамерните луѓе кои ќе го прочитаат овој текст и ќе му обезбедат транспорт на сиромашниот и болен маж откако некоја специјализирана психијатриска болница ќе се јави и ќе го прими Јанковски како пациент. Соседите особено бараат помош од луѓето во бели мантили и апелираат на нивната совест како и на Хипократовата заклетва според која се обврзани да спасуваат човечки животи./У.Ј