Школи за водачи на патроли „Зелениот Еди XII“, викендов во Голозинци
Со учество на 18 извидници во Извидничкиот центар во селото Голозинци, од 18 до 21 октомври, се организираше републичка школа за обука на водачи. Во неа учествуваа претставници на извидничките одреди: “Јадран“ од Скопје , “Феникс“ од Прилеп и “Димитар Влахов“ од Велес како и извидници од иницијативниот одбор за формирање на извиднички одред во населба Чашка.
Учесниците на обуката се обучуваа според програма која ги содржеше: игрите за запознавање, поделба по патроли, изработка на патролна симболика, очекувања од школата поточно„ што знам, што сакам да знам?“, извидничка Фамилија (региони, WOSM), патролен колектив (симболика, дружински и одредски дух, структура на Сојуз и Структура на Извиднички Одред, ликот на водачот, извиднички метод, униформа и ознаки, завет и закони, принципи и планирање на патролна средба, методи и форми на работа.
На школата се одржа и панел дискусија на тема „Извидникот во општеството“ како и презентација на програма „Компас“.
Извидниците исто така учеа за планирање на месечен, тромесечен и годишен план по категории, организација и реализација на излет, бивак и логор, на хајк, за методологија на презентација, презентирање на месечни, тромесечни и годишни планови, за духовност и креирање на писмо до самиот себеси.
Тимот што ја реализираше извидничката обука на школата беше составен од Ангелче Гушев, Бојан Миклош, Влатко Влахчев, Јордан Бајрактаров, Јане Јанков и Александра Бошковска.
Организаторот на школата, Извидничкиот одред „Димитар Влахов“, на секој учесник му обезбеди единствен печатен прирачник на СИМ за обука на водачи – “Водач на патрола“, патролен дневник, марама, амблеми на школата, бележник со останат печатен материјал.
Освен учесниците на школата „Зелениот Еди XII“ во Голозинци беше и коначарската едници која брои 22 извидници со што вкупниот број на учесници изнесуваше 40 извидници./У.Ј