ЦГК измери „Активната транспарентност“ на општините: Кавадарци лидер додека Вардарски регион го задржа ланското петто место во државата
Деветте општини во Вардарски регион, минатата година, постигнале транспарентност од 79 % или четири проценти повеќе од минатата година. Овој, од вкупно осумте плански региони, во државата ја задржа ланската петта позиција. Во резултатите на истражувањето Индекс на активна транспарентност на Центар за граѓански комуникации пишува:
„За првпат во последните девет години, на лидерската позиција не се наоѓа Велес, општината која беше и лидер во земјава. Сега, со максимални 100 % на врвот се искачи Кавадарци, додека Велес е на втората позиција, со 99 %, исто колку и лани. И Градско има исто бодови колку и лани и се наоѓа на третата позиција. Демир Капија има поголем скок меѓу општините од овој регион и со дополнителните 25 поени, се искачи на петтата позиција. Росоман и Лозово останаа на двете последни места, со тоа што Лозово е и најслабо рангирана од сите општини во земјава“.
Што е „Активна транспарентност“? Тоа е објавување на информации на сопствена иницијатива на институциите, во случајов општините, без притоа некој да има доставено до нив барање за пристап до тие информации. Наспроти тоа, во случаите кога до институцијата се доставува барање за одредена информација, станува збор за „реактивна транспарентност“.
Потребата од проактивното објавување информации произлегува оттаму што на тој начин се обелоденуваат: информации за регулативата и за одлуките на властите, со што се остварува правото на граѓаните да бидат информирани за своите права и обврски во општеството; информации коишто им се потребни на граѓаните за да бараат одговорност од властите; информации коишто им се неопходни на граѓаните за да можат да учествуваат во процесот на донесување одлуки и информации коишто им се потребни на граѓаните за да можат да пристапуваат кон услугите што ги нудат јавните институции.
„И самата институција којашто објавува информации врз проактивна основа остварува корист затоа што активната транспарентност ѝ помага на институцијата да биде поодговорна во трошењето на јавните пари; на тој начин институцијата ги промовира принципите на добро владеење и интегритет и институцијата е поефикасна бидејќи подобро управува со информациите со коишто располага. Се чини дека развојот на техниката и технологиите одат рака под рака и ја помагаат активната транспарентност на институциите, бидејќи начините за дистрибуција на информациите што ги поседуваат институциите, а што се од корист за граѓаните, се побројни и полесно достапни“, констатира Центар за граѓански комуникации.
Законската основа за активната транспарентност на институциите се наоѓа во Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер. Овој закон, освен што пропишува обврска до институциите да одговорат на барањата за пристап до информации од јавен карактер, содржи и одредби за проактивно објавување информации, односно за самостојно објавување информации. Натаму, низа други закони пропишуваат обврски за институциите да објавуваат информации врз проактивна основа. Станува збор за одредби во Законот за локалната самоуправа, во Законот за буџетите, во Законот за јавен долг, во Законот за финансирање на единиците на локална самоуправа и др.
Освен од регулативата, активната транспарентност произлегува и од практиката. Во светот се смета за добра практика кога една институција ги прави достапни до сите граѓани одговорите на прашањата што почесто ги добива во форма на барања за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Доброволно објавените информации им помагаат на граѓанските организации и на истражувачките новинари да изработуваат и да објавуваат истражувања што им помагаат на граѓаните подобро да го разберат функционирањето на институциите, нивните права и обврски, начинот на којшто можат да влијаат врз донесувањето на одлуките што се рефлектираат врз нивното секојдневно живеење и работење, како и полесно да им пристапат на услугите што им ги нуди државата. Во принцип, една институција може проактивно да ги објави сите информации со коишто располага, освен оние за коишто во законот постојат исклучоци. Активната транспарентност е релативно нов поим во светот. Оттука, не постојат ниту некои пропишани стандарди за тоа кои сè информации, освен оние пропишани со закон, институциите треба да ги објавуваат.
Сепак, анализата на практиката од многу земји упатува на некои минимум информации коишто една институција треба да ги објавува како дел од активната транспарентност.
Во ова истражување на Центар за граѓански комуникации освен општини се опфатени Влада и Министерства.
Убавка Јаневска