Данов: Вистината за Рацин и картичките што и` ги испраќал на Раца
Се навраќам на Коста Солев Рацин, на картичките што тој и` ги испраќал на Раца Фирфова, тема што сериозно и стручно досега е обработувана од голем број на вљубеници на пишаниот збор, на следбеници на неговиот лик и дело, книжевници, истражувачи, есеисти и други. Сепак сакам да соопштам и јас, како ваш хроничар и истражувач, кој внимателно читајќи ги и проучувајќи ги, дека дојдов до некои неверојатни случајности и интересни согледувања за овие картички.
По природа сум сомничав и мојот порив за истражување често ме наведува да „чепкам“ и по работи што биле прифатени „здраво за готово“. По карактер сум човек што дополнително посветува време и истражува.
Така често си ги поставувам прашањата: „Зошто и` ги испраќал картичките?“ и „Бил ли вљубен?!„.Сам на себе си поставувам прашања како овој велешанец, што завршил четири годишно училиште, умее да покаже такви силни чувства за комуникација, таков бистар ум и да се снаоѓа во секоја прилика.
Прво, ми падна во очи списокот на картичките нумерирани со редни броеви од 1 до 18, а на врвот на списокот е картичката од 13 мај 1928 година што е почетна , бидејќи според распоредот на испраќањето тоа е датумот кога започнала преписката.
Се знае дека и пред тоа Коста Солев испраќал картички, но она што е непознато е каде се тие и зошто не се нумерирани. Значи, непобитно, постојат повеќе испратени картички отколку на оние на списокот.
Долго време Коста Солев место потпис пишувал „Бесмртна љубав“ што всушност е псевдоним на испраќачот. Тој потоа почнал да се потпишува со почетните букви од неговото име и презиме „К.Р“, па следи „К.Рацин“ додека последните картички завршуваат само со буква „Р“. Зошто таа промена?
Исто така впечатливо е што ракописот со кој е пишуван текстот и ракописот со кој е адресирана секоја картичка се разликуваат. И тоа многу! Текстот е напишан полека, без брзање, во правилни редови, со ситен ракопис. Додека адресата е напишана набрзина, без посебна подготовка. Можеби Коста Солев го пишувал текстот додека друг ја додавал адресата!? Според мене ова е многу веројатно.
Необично е и што дел од картичките се напишани со латинично додека друг дел со кирилично писмо. Во тој период Солев пишувал воглавном на латиница. Последните картички се немарно напишани, со светло мастило или молив. Дел го содржат напишано зборот „Македонија“ ! Во тоа време, да напишеш „Македонија“ на писмо или картичка, со поштенска марка на тогашниот српски крал Александар, практично било не возможно! Писмото или картичката би завршиле во кош за смет, а испраќачот во полиција! Затоа верувам дека тоа е дополнително допишувано.
Често си го поставувам прашањето: Дали дел од картички исчезнале или некој манипулирал со нив?
Постоечкиот список на картичките укажува на факт дека некој ги сортирал. Тие се означени со броеви испишани со црвено пенкало. Датумите на картичките се измешани, но интересна е забелешката на вториот лист:
Тука некој добро го опишал она што и јас го забележав во врска со картичките. Но, интересен е овој детал од картичката бр. 7 :
Зборот „покајување“? Зошто би се каел Коста Солев ? Картичката е насловена со „Другарице!“. Понатаму пишува: ,,За се` искрено се каам и ако сакате да ми простите , кажете и` го тоа на Н(евенка) В(ујиќ).“
Дали Рацин сватил дека неговата занесеност и опсесија по Раца е само фикција и увидел дека всушност Невенка е неговата „муза“?? Дали всушност и целата „Антологија на болката“ е посветена на Невенка, а не на Раца? Ако е на Раца, зошто Антологијата била во рацете на Невенка, за која се вели дека и` ја испратила на Раца?
Контрадикторност или љубовни кавги меѓу Коста Солев Рацин и Невенка Вујиќ?
Сепак, на 08 март 1928 година, од Белград, Коста Солев испраќа една чудна картичка:
Тој на картичката пишува : ,,Несреќничке, и крв ти дадов и име… сега заборави ме; ќе пробам тоа и јас. Биди ми само обична другарка“. Во потпис : „Р“. Чудни се двата зборови: „обична другарка“!?
Од каде сега оваа промена; дали нешто се случило во меѓувреме. A Солев пишува:
„ Не знам што ќе помислиш кога повторно ќе те видам. И не знам што ќе направам и јас, но знам само дека веќе нема да биде како порано и дека сега ќе биде многу појако….“
Дали ова картичка е напишана под влијание на некаков конфликт со Раца, која можеби се спротивставила на Костовата упорност или можеби му кажала дека ќе се мажи и побарала да не и` пишува повеќе картички. Можеби токму тоа е причината. Или оваа картичка се однесува на нешто друго, но само е вметната во сочуваната збирка. Како и да е, и таа е испратена од Белград, додека за сите случувања во Велес некој го известувал Коста Солев. Кој би можел да биде?
Но, едно е јасно. Картичките продолжиле да стасуваат во домот на Раца, иако таа живеела на друга адреса бидејќи веќе била мажена!
Некој го констатира и следното:
,,Ох, одите… одите кај Н.В. и побарајте ја „Антологијата на болот“. Во неа ќе го најдете растргнатото мое срце…“ ( цитат).
Зошто Кочо бил повреден од Раца и дали таа премолчала дел од нивната љубов?Дали се случила некаква средба или Рахилка под притисок се одважила и му кажала некои „думи“ па конечно Коста разбрал дека неговата занесеност не ја засега Раца!
Раца е мажена во велешкото семејство Ѓоргови на 17 години. И таа и Ѓоргови велеа дека таа била сосема рамнодушна кон испраќачот на картичките. Но, сепак мислам дека се одважила и веројатно остро го опоменала Коста Солев да не и испраќа повеќе картички. Сигурно на нејзиниот сопруг не му било сеедно, не во тоа патријархално време, во семејство што држело до угледот и честа.
Зошто Рахилка Фирфова Ѓоргова ја сочувала преписката со Коста Солев?
Но, Раца ја сочувала преписката, уредно спакувана во албум, што во гимназиските денови го презентира нејзиниот син на јавноста. Јас ова го земам како факт што покажува дека сепак, на Раца и` било сеедно и не се секирала што не одговорила соодветно на искажаната платонска љубов од страна на Коста Солев. Често анализирам дали тоа било така или пак некој друг подоцна тоа го наметнал?
Кога се навраќам на овој дел од мојата анализа преовладува размислата дека треба да сум уверен во следниве факти: Раца воопшто не му одговорила на Коста Солев, таа немала средби со него на велешките улици и никогаш не разговарала со него! Впрочем и Раца тоа со изјави, на крајот од животот, неколкупати го потврди. Се думам и си велам, можеби доколку пак постоеле контакти, тогаш биле добро скриени од очите на јавноста и емотивно покриени.
Да резимирам.
За мене „Рациновите картички“ се дополнително „отпосле“ реализирана смислена пропагандна игра на некои умови, кои сакале ( и успеале!) да ја потиснат во колективната свест вистинската љубов на Рацин. А тоа била Невенка Вујиќ.
Некој сакал и во љубовта Коста Солев да остане „Македонец“, да не го декларираат како про – „Србин“, иако има индиции дека тој веќе ја замешал својата крв.
Во Македонија нема или е скриена голем дел од преписката меѓу Кочо и Невенка, која би фрлила друга светлина на емотивниот живот на поетот и револуционер. Од она што досега го прочитав заклучив дека всушност Невенка Вујиќ била Рацинова муза и љубов!
За оваа девојка нема документи во Архивот на Македонија по 1936 година.
Нејзините љубов и однос, кон Коста Солев се енигма за македонската историографија или некој создал слика така да биде! Кога таа излегла од животот на Солев, каде заминала, кога дознала за неговата погибијата? Од истражувања дознав дека таа била жива по завршување на Втората светска војна по што ми се наметнуваат прашањата: Зошто воопшто не се појавила во Велес? Зошто не оставила еден цвет на гробот на поетот додека почивал на партизанските гробишта во Соборниот храм „Свети Великомаченик Пантелејмон“? Дали имала забрана тоа да го стори? Дали некој и сугерирал да не се појавува во Велес?
Велат дека Невенка и на Голи Оток, потпишала писмо дека нема ништо со Коста Солев.
За крај, дали знаете од кога навистина Коста станал „Рацин“? Во многу преписки и писма, Коста е потпишан со презимето „Солевиќ“ или пак како „Солев“. Во Велес дури и неговите другари по војната го ословувале како „Кочо Солев“!
Што е вистина? Ќе дознаеме, верувам многу наскоро…
Вашиот истражувач
Љупчо Данов