Десет отсто oд децата во велешката градинка „Димче Мирчев“ нецелосно се вакцинирани против голема кашлица
Здравствен персонал од Службите за имунизација на Здравствен дом Велес денеска ги проверувале вакциналните картони во сите седум објекти на ОУДГ„Димче Мирчев“. Лекарите и медицинските сестри ја констатирале состојбата со имунизацијата во градинката. Од вкупно 1200 вакцинални картони, на исто толку деца кои престојуваат во седумте објекти, кај 127 е констатирана состојба на нецелосна имунизација со вакцината ДТП. Тоа изразено во проценти изнесува нешто повеќе од 10.
Од велешката градинка, на поставените новинарски прашања, какви се образложенијата на родителите за не примените вакцини или ревакцини одговорија дека родителите на сите овие 127 деца имаат доставено вакцинални картони и уредна медицинска документација со лекарски мислења за здравствената состојба која воглавно била причина за одложување на ревакцините.
„ Ја информираме јавноста дека 80 отсто од децата кај кои здравствените работници констатираа нецелосна имунизација подолго време не доаѓаат во градинка“, изјавија од ОУДГ „Димче Мирчев“.
Според важечкиот Вакцинален календар во Македонија децата првата вакцина против голема кашлица треба да ја примат до навршување на 12 месечна возраст додека првата ревакцина на 18 месечна возраст.
Инаку, вонредниот надзор на состојбата со имунизацијата со ДТП вакцина на територијата на државата следи по појавата на болеста голема или магарешка кашлица во Скопје, каде е прогласена епидемија. Министерството за здравство, по препораките на Комисијата за заразни болести, го задолжи Државниот санитарен и здравствен инспекторат да започне со вонредни инспекциски надзори и издавање решенија за забрана на прием на деца во градинките кои не се целосно имунизирани со вакцината.
Убавка Јаневска