Доживотен затвор за братот кој уби брат во Кавадарци од користољубие
Објавено: 29 декември, 2025, во 16:30 часот
Основниот суд во Кавадарци изрече пресуда врз основа на признание на вина со која го огласи за виновен 43-годишниот С.И. за кривично дело – Убиство од член 123 став 2 точка 4 (од користољубие) и го осуди на казна доживотен затвор. Судот одлучуваше по поднесено обвинение од Основното јавно обвинителство Кавадарци.
„Обвинетиот на 27 јули, годинава. од користољубие го лишил од живот својот помлад брат Илија Иванов. На роденденот на жртвата, двајцата браќа започнале да се расправаат, бидејќи обвинетиот верувал дека неговиот брат сака да го преземе целиот имот. Поттикнат од чувства на гнев и омраза, тој со тапиот метален дел од тесла го удрил брат му по главата, а кога оштетениот паднал, уште два пати го удрил со теслата, нанесувајќи му моментални смртоносни повреди. Потоа обвинетиот си заминал, а следниот ден се вратил во домот на оштетениот и телото го префрлил во бањата. Во следните неколку дена исто така се враќал за да го прикрие делото, ја бришел крвта од подот и од предметите, а телото го пренел во шупата, го затрупал во ров и врз него ставил шперплоча и други предмети,“ соопшти обвинителството.
Според обвинението, во периодот од 30 јули до 5 август, годинава, кога било откриено телото, обвинетиот во повеќе наврати повлекувал пари со банкарската картичка на жртвата.
Инаку, обвинението беше поднесено на 28 октомври, годинава, по што обвинетиот во целост го призна начинот на извршување на делото, онака како што беше наведен во обвинителниот акт.
При изрекувањето на пресудата, Судот, донел Решение со кое на осудениот му ја продолжи претходно определената мерка притвор до почетокот на издржувањето на казната „доживотен затвор“.
Убавка Јаневска


