Џафери од Чашка: Во ООУ“Тодор Јанев“ настава само на македонски додека на албански јазик децата ќе учат во ООУ„Витурија“
Основачките документи меѓу кои највисокиот, Статутот на ООУ„Тодор Јанев“ во Чашка, пропишуваат избедување на настава на македонски јазик. Во училиштето не може да се реализира настава на албански туку само на македонски јазик.Бидејќи потребно е да се обезбеди на свој мајчин, албански јазик, да учат и децата од албанската етничка заедница кои живеат во населени места во општината ќе се формира нов субјект поточно училиште ООУ„Витурија“ во чии документи ќе пишува дека и тие ќе можат да се образуваат во оваа општина. Тоа е компромисното решение, според техничкиот премиер Талат Џафери, постигнато помеѓу родителите на децата, Општина Чашка и Министерство за образование.
Министерот за образование Јетон Шакири одговарајќи на новинарски прашања рече дека за да се префрлат и да почнат да учат на албански јазик учениците од ООУ „Тодор Јанев“ прво треба да се изгради ООУ„Витурија“ за што е потребно да се обезбедат финансиски средства преку министерството за финансии. Шакири не даде прецизен одговор кога ќе се отстрани пломбата на Интернатот во Чашка.
Според информации на Дума.мк новото општинско основно училиште „Витурија“ во вид на монтажно ќе треба да се постави во село Бањица. Тоа ќе треба да биде готово до крајот на месец август, годинава. Петте првачиња кои наставата сега ја следат во една училница на училиштето „Тодор Јанев“ се тие што ќе го продолжат образованието во Бањица во наредната учебна 2024/25 година. Таму се планира да бидат запишувани и нови првачиња. Дума.мк не доби конкретен одговор на прашањето дали е потребно формирање на нов образовен субјект ако веќе постои ООУ„Лирија“ кое што функционира со две училишни згради во Горно и во Долно Јаболчиште доколку е познато дека во “Витурија“ се планира да учат ученици чии места на живеење се наоѓаат поблиску до училиштето „Лирија“ во споредба со “Тодор Јанев“.
Убавка Јаневска