Фудбалски судија вербално нападнат во Чашка и приведени четворица Велешани за топење бакарни кабли во Ново Село
Фудбалскиот судија Д.С во општинска лига го пријавил вербалниот напад во Полициското одделение во Чашка. Триесет и пет годишниот судија се пожалил дека добил непристојни навреди во понеделникот, на 25 февруари, на фудбалското игралиште во општина Чашка додека го судел фудбалскиот натпревар помеѓу екипите на ФК „Мартолци 2007“ од село Горно Врановци и ФК „Илинден“ од Башино село. Навредите му ги упатил Б.Б. од село Горно Врановци незадоволен од изречена судиска одлука. Судијата поради навредите веднаш го прекинал фудбалскиот натпревар.
-Случајот е пријавен вчера, на 29 февруари и се преземаат мерки за расчистување, рече Биљана Ѓаковска портпаролка на Сектор за внатрешни работи Велес.
Ѓаковска информираше и за лишени од слобода четворица Велешани во Ново Село, во Општина Чашка коишто биле затекнати од полициски службеници како палат бакарни кабли во селото. Тоа се случило ноќеска, 40 минути по полноќ. Тогаш Велешаните В.С.(42), С.Ф.(44), Н.Ф.(36) и С.К.(52) ги палеле бакарните кабли во селото, кои ги поседувале со испратница и транспортен формулар за отпад од фирма. Тие ги донеле каблите во Ново Село со товарно возило марка „пежо боксер“ со скопски регистарски ознаки.
Лицата биле приведени во полициска станица, известен бил јавен Обвинител додека предметите и возилото биле одземени. СВР Велес по документирање на настанот против нив ќе поднесе соодветна пријава.
Убавка Јаневска