Претседателот на македонското Собрание со тимот на „Хабитат“ волонтираа во Велес (фото)

Африм Гаши, претседател на македонското Собрание, над 30 волонтери од САД и од Македонија, членови на Управен одбор и вработени во „Хабитат Македонија“ волонтираа во изградбата на седмата зграда во истоимената населба во Велес. Преку волонтерски градежни активности тие го одбележаа јубилејот „20 години Хабитат Македонија“ и дадоа придонес во изградбата на нови станови наменети за семејства со ниски примања во Велес.

Гостите, на почетокот на волонтерскиот ден, ги поздрави домаќинот Зоран Костов, извршен директор на „Хабитат Македонија“, се заблагодари на посветеноста и желбата на сите учесници да дадат придонес во остварување на мисијата на „Хабитат“ со учество во изградба на домови за граѓани на Велес кои имаат потреба од покрив над глава.

– Ние работно го одбележуваме 20 годишниот јубилеј и со нас имаме гости кои се придружија на настан – волонтирање во Велес, како што тоа го правеа генерации и генерации на волонтери во изминатите 15 години. Посебно сме почестени што кога имаме гости од Соединетите американски држави и од Европа, вклучувајќи ги на Хабитат интернејшнл за Европа и за Блиски исток, на ХФХИ од округ Цитрус, Флорида, САД, ни се придружи и претседателот на Собрание на Република Македонија, Африм Гаши. Тоа е ретка пригода наши, официјални лица, да ја поддржат мисијата, визијата и целите на Хабитат за што упатувам голема благодарност. Јас во оваа пригода сакам да му се заблагодарам за вниманието и честа што ни ја направи, а на нашите гости од САД и на сите останати да им посакам успешен работен ден и убав престој во Македонија, додаде Костов.


-Многу ми е драго што денеска сум овде каде работиме на доизградба на еден дом како дел од објект и сакам да им ја честитам 20 годишнината на „Хабитат Македонија“ како и да ги поздравам сите гости од САД, од Турција и останатите од целиот Свет, кој се тука заедно да го одбележиме јубилејот. Мотото на Собранието е „Дом за сите“ додека Habitat for Humanity имаат мото „Достоен дом за сите секаде во светот“ така да ни се вклопуваат овие две пораки. Секаде каде што луѓето имаат потреба од дом или кров над глава, сите како луѓе, политичари или новинари, треба да придонесеме за граѓаните да го имаат. Тука сум за да ги промовирам овие вредности и да кажам дека како држава, како Собрание и јас лично, секогаш ќе помагаме за остварување на овие цели, рече претседателот на македонското Собрание Африм Гаши.

Екин Огутогулари потпретседател на Регионалната канцеларија на „Хабитат фор хјуманити интернејшнл“ за Европа и Блискиот исток, Дејвид Лич претставник на делегацијата на ХФХИ од округ Цитрус, Флорида, САД и Џон Џозеф Финерти, почесен член на Управен одбор на „Хабитат Македонија“ изразија благодарност за присуството на големиот јубилеј и на можноста да учествуваат со волонтерска работа во Хабитат населбата во Велес.
Седмата зграда е најголема и има 16 станови или за четири односно 10 повеќе од досега шесте изградени. Зградата ќе биде вселива во средината на 2026 година за семејства со ниски примања од Велес.

Во рамките на волонтерскиот ден, на петтата зграда во населбата Хабитат во Велес, беше поставена плоча во спомен на Џорџ Русо, претседател на ХФХИ од округ Цитрус, Флорида, САД кој почина во јуни, годинава.
Убавка Јаневска


