Граѓани со настинка и покачена температура, викендов го зголемија бројот на прегледи во Брза помош Велес
Граѓани со покачена телесна температура и симтоми на настинка, како кашлање и секрет од нос, викендов го зголемија бројот на направени прегледи во Брза Помош во ЈЗУ Здравствен дом Велес. Во саботата, на 16 септември, 66 пациенти ја посетиле амбулантата и се пожалиле на покачена температура и малаксаност, додека во неделата бројот се зголемил за 11 пациенти повеќе, поточно биле прегледани 77 пациенти со настинка. Оваа бројка од вкупно 143 пациенти, се прегледи направени само во амбуланта, додека прегледи направени на терен биле поретки.
Според др Сања Мишева од Итна помош на ЈЗУ Здравствен дом Велес, зголемен е обемот на работа за време на викендот бидејќи владее вирус кој има симптоми на настинка и покачена температура, но нема потреба од паника кај граѓаните.
– Претходните неколку недели владееше стомачен вирус додека викендов зголемен е бројот на пациенти со покачена телесна температура. Апелирам до граѓаните да пијат повеќе течности, да примаат повеќе витамини како B6, C и цинк, и секако да јадат повеќе овошје и зеленчук. По направените прегледи на лекарите од Итна помош граѓаните ги упатуваме и советуваме да направат преглед и кај своите матични лекари за понатамошно лекување, додаде др Мишева.
Лекарката додаде дека нема потреба при покачена температура веднаш да се примаат антибиотици бидејќи причинител на настинката е вирус, а не бактерија. Доколку се почуствуваат симптоми на настинка навремено треба да се посети матичен лекар.
Стефани Манева