Хуманистот Думовски 81 пати даруваше крв на 65 роденден и наместо да добива даруваше подарци (фото и видео)

Објавено на 9 мај, 2022 во 15:23
Фото: Хуманист Ацо Думовски

Хуманистот Ацо Думовски, одлучи својот 65 роденден да го одбележи со последно доброволно дарување на крв и не затоа што не сака повеќе да дарува туку поради старосната граница која законски не му дозволува повеќе да спасува туѓи животи. Тој цели 47 години е крводарител и последното негово дарување ја достигна бројката од 81 што говори за исто толку спасени човечки животи и како вредност не се мери со ништо друго освен со човечност.

-Имав желба да дарувам крв на крводарителска акција пред многу години, како средношколец,  но немав 18 години и не ми беше дозволено. На денот кога го прославував полнолетството отидов и дарував крв, оттогаш, се зареков дека на секој роденден ќе дарувам крв. До сега имам учествувано и на многу акции, на ниво на држава, по потреба кога ме викале исто така, сум дарувал крв, додаде Думовски.

Видео: Думовски за време на последното 81 дарување на крв
Фото: Думовски

Поранешниот чувар на јавниот ред и мир во градот штом ја соблече од себе службената униформа на македонската полиција може слободно да се каже дека ниту еден ден не мирува. Думовски одлучи во пензионерските денови слободното време, што впрочем целосно го стави во функција на помош на сограѓани, да го псовети на многу племенита работа поточно да помага на социјално ранливи категории на граѓани. Иако тој во изминатите деценија и пол мотивираше голем број на велешани наместо непотребната облека, обувки, садови за домаќинство да ја чуваат во подрум или гаражи, да завршуваат кај оние на коишто навистина им се потребни. Во последно време, Думовски  упева да направи и продажби од донациите, по симболична цена, со цел на гладните граѓани да им се обезбеди храна, на изнемоштените потребно помагало а на сиромашните семејства мебел и технички апарати.

-Имаме совесни и прекрасни граѓани коишто се хумани но, за жал, има и такви коишто хуманоста ја злоупотребуваат. Оставам на самите на граѓани каде и на кого ќе одлучат да подарат. Некогаш и јас грешам и подарувам на места кадешто не било потребно но, доволно е самиот граѓанин што сака да ја отвори фејсбук страницата „Дај не фрлај – Велес“, да понуди сам и тој или таа да одлучи на кого и што ќе подари. Од тоа подобро нема. Сепак има соработка и им благодарам на сите што ми ја остапиле нивната доверба, во нивно име, да подарувам на тие што им треба помош, додаде Думовски.

Последното добро дело што овој наш сограѓанин го направи се состои во собирање, репарирање и подарување на играчки за деца во населба Градско чиишто родители од финансиски причини не можеле да си дозволат да им ги купат.

Фото: Подарување на играчки во населба Градско

-Тоа се играчки од деца коишто веќе ги изиграле и се големи а овие деца што ги добија беа пресреќни бидејќи во нивното детство ова е можеби и првата играчка, додаде Думовски.

Овој наш сограѓанин чекор по чекор ја реализира својата хумана мисија за која му е потребна поддршка од што поголем број на велешани. Особено ќе му биде драго тоа да бидат сограѓани коишто од срце и душа сакаат да подарат или донираат облека, предмети, мебел или технички апарати коишто не ги употребуваат. Затоа што, според Думовски, човечната големина не секој пат е потребно да се мери преку богатство и пари.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.