СДСМ: Хаос и во кавадаречката болница
Социјалдемократите од Кавадарци денеска на прес конференција во кругот на општа болница обвинија за хаос и катастрофална состојба во истата. Претседателот на О.О Кавадарци, Зоран Ѓорѓиев рече дека константната негрижата на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ за здравјето на граѓаните придонела за катастрофалната состојба и во оваа болница.
„Болницата се наоѓа во огромни финансиски долгови и нема средства за тековно работење. Греење нема, па пациентите додека престојуваат мора самите да се снаоѓаат како знаат и умеат. Во болницата во Кавадарци нема доволно лекови и медицински помагала, пациентите мораат сами да си ги купуваат. Нема чаршави, навлаки, перници, кебиња… Хигиената е на лошо, крајно незавидно ниво“ рече Ѓорѓиев.
Тој нагласи дека болницата имала недостаток од опрема, КТМ, гиенколошка сонда за контрола на бременост, лапароскоп, ренген и ехо апарат, кои биле неопходни за функционирање на болницата. Дел од опремата која била набавена, сеуште не била ставена во употреба.
„ Во моментот има само еден ренген апарат и еден ехо-апарат коишто ги користат повеќе доктори од различни одделенија. Болницата во Кавадарци со години има недостаток на лекари. Ренгенолози и анестезиолози доаѓаат од други градови. Има само еден гинеколог. На повеќе одделенија нема дежурства, па пациентите се приморани да патуваат до Скопје. Оваа Болница опслужува повеќе од 70.000 пациенти и нејзината опременост и материјална но и кадровска мора да биде на највисоко ниво. Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ буквално си поигруваат со здравјето на болните во Кавадарци но и во цела Македонија.За Никола Груевски здравјето на граѓаните не беше важно, за него беа важни само тендрите и провизиите од споменици тешки 630 милиони евра“ рече Ѓорѓиев.
Кога СДСМ ќе ја преземеле власта ќе ги променел приоритетите и парите ќе ги насочел кон решавање на проблемите во здравството, во интерес на граѓаните./A.Д