Се дисциплинираат лозарите кои варат ракија
Кавадарчани стануваат дисциплинирани кога е во прашање фрлањето на комиње од варењето ракија. Ако до минатите години тие главно комињето го фрлаа во канализацијата сега значително е намален бројот на таквите несовесни граѓани, велат од ЈП Комуналец Кавадарци.
Според нивните согледувања на ситуацијата, за 30 отсто бил намален бројот на несовесните постапки кои предизвикуваа проблем во канализационата мрежа.
„За наша среќе но и на граѓаните на Кавадарци, се намалува бојот на интервенции при запушени канализации како последица на исфрлено комиње. Тоа значи дека несовесните лозари кои печат ракија во овој период од годината и на кои порано најлесно им беше комињето да го фрлат во канализација, се дисциплинираа. Сега по примерот на оние совесните од порано, комињето го собираат во вреќи па го оставаат во контејнери за да го соберат комуналните работници. Тоа значи дека апелите за внимателност при печењето ракија вродија со плод“ рече раководителот на водовод и канализација при кавадаречки Комуналец, Марјан Прескакулев.
Тој изрази задоволство што и покрај сезоната на печење ракија кога вода за пиење се користи за ладење на казаните, Кавадарци нема проблем со водоснабдувањето./А.Д